Протест во Тирана по најавата дека Албанија и подарила на Грција 12 милји во Јонско море


Во организација на граѓанскиот сектор денеска пред Владата во Тирана беше одржан протест против, како што беше наведено,последнот договор со што Албанија на Грција и отстапува 12 милји од Јонско Море.

Стотици граѓани со пароли на кои пишуваше „Татковината во опасност“,„Се продава достонството на Чамите“, бараа поништување на договорот.

„Овие ни го земаат имотот, го подаруваат морето, ние нема да го дозволиме тоа. Ние немаме автобуси како политичките партии, затоа илјадници граѓани немаа можност да ни се придружат на протестот, но тие се со нас. Никој не ќе може да не запре. Не за оваа влада, истакнаа демонстрантите.

Тие побараа албанскиот премиер Еди Рама да даде објаснувања, а од експертите очекуваат предлог на законско решение околу определувањето на морската границата меѓу Албанија Грција.

Се почна по изјавата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој посочи дека е договорено Албанија да ѝ отстапи на неговата земја 12 милји од морето.

И албанската опозиција е незадоволна од преговорите што се водат помеѓу претставници на владите на Албанија и Грција за заокружување на отворените прашања помеѓу двете земји.

„По средбите што ги остварија шефовите на дипломатиите на Тирана и Атина, Дитмир Бушати и Никос Коѕијас, очигледно е дека се она што се преговара е на штета на албанската држава“, смета почесниот лидер на албанската десница, поранешен шеф на државата и експремиер, Сали Бериша.

Бериша ги повика Албанците да се подготват да ги бранат своите национални интереси бидејќи Владата на Еди Рама во преговорите со Грција не ги почитувала националните интереси на албанските државјани. Тој упати остра критика околу преговорите кои се водат за решавањето на поморската граница меѓу двете држави, прашањето околу имотот на Чамите, како и за укинувањето на Законот за војна, кој во Грција е сè уште на сила. Но, токму кога тој беше на чело на албанската извршна власт беше потпишан договор за морската гранца, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен.

Имено, во април 2009 година тогашните шефови на дипломатии на двете земји, Љуљзим Баша и Дора Бакојани, во присуство на премиерите Сали Бериша и Костас Караманлис, во Тирана го потпишаа договорот за поморското разграничување и за обележување на границата. Но, Уставниот суд на Албанија следната година го прогласи договорот за неуставен.

Експертите од оваа област тврдеа дека Бериша на Грција „и подарил” над 200 квадратни километри морска територија, што и припаѓала на Албанија, каде се смета дека има големи наоѓалишта на нафта и гас.