Протест во Истанбул против Трамп: Ерусалим е гордост на муслиманите


Протест против одлуката на САД за признавање на Ерусалим за главен град на Израел беше организиран денеска пред истанбулската џамија Фатих.

Како што јави турската телевизија НТВ, на демонстрациите учествуваат голем број припадници на различни невладини организации.

Демонстрантите извикуваа „Убиец Израел, сојузник САД”, „Ерусалим е гордоста на муслиманите” и носеа турски и палестински знамиња.

Во меѓувреме, општинските власти во Истанбул ги демонтираа таблите со презимето на американскиот претседател Доналд Трамп во реонот на автобуската станица на метрото „Шишли-Меџидиекиј”, јави Анадолија.

Во реонот на Шишли, во европскиот дел на Истанбул, е сместена 39-катна зграда, која се состои од две кули кои го носат името „Трамп тауерс“, а во долните катови е лоциран трговски центар. За да им олеснат на пешаците, раководството на метрото и општината пред неколку години поставија табли со натписи „ТЦ Трамп”.

Исто така, еден од подвозниците што води до трговскиот центар, исто така, беше именуван по американскиот претседател.

Вчера изутрина, граѓаните забележале дека името Трамп исчезнало од сите табли.

На 6 декември, претседателот на САД објави дека го признава Ерусалим за главен град на Израел и најави почеток на подготовка за таму да биде преместена американската амбасада.

Статусот на Ерусалим е едно од клучните прашања во палестинско-израелскиот конфликт.