Притвор за советникот на градоначалникот на Шуто Оризари за примање мито
Скопското обвинителство предложи мерка притвор од 30 дена за барање поткуп за советникот на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.
– Надлежен јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Осомничениот како вработен во општината Шуто Оризари на 27 јануари во службените простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1000 евра. Наградата осомничениот ја договорил и примил за, искористувајќи го своето влијание, да изврши посредување во вршење на службено дејствие кое не би требало да се изврши. Имено, тој ги побарал средствата за да се донесе Решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект, соопшти денеска Обвинителството.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител кој постапува во предметот до судија на претходна постапка од Кривичниот суд доставил предлог за определување мерка притвор.
Предлогот на Обвинителството беше прифатен, па Судот со решение на осомничениот му е изречен притвор во траење од триесет дена.