Претседателот се консултира, Богов и Бесими на готовс
Независноста на Народна банка може да биде дополнително зајакната во делот на мандатот на гувернерот и во процесот на негово назначување и разрешување, предлага вицегувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во материјалот „Независноста на централната банка – случајот на Народна банка на Република Македонија“.
Иако Народна банка во најавата на трудот се оградува, велејќи дека изложените ставови во материјалите се на авторите и не мора да соодветствуваат со ставовите на НБРМ, симптоматично е што истражувањето на вицегувернерката доаѓа во време кога процесот на избор на гувернер во Македонија е заглавен во политички лавиринт, а регулативата со недореченоста го дозаплеткува. Што вели вицегувернерката?
Таа го оценува нивото на независност согласно два индекса кои вообичаено се среќаваат во литературата од оваа област. И двата индекса упатуваат на заклучокот дека гледано низ историска перспектива, во периодот од првите години по осамостојувањето па сѐ до последниве години, независноста на НБРМ бележи подобрување и дека тековната законска рамка обезбедува високо ниво на независност, иако постојат и области каде што е можно дополнително зајакнување на независноста. Треба да се води сметка дека презентираните индекси се базираат на законски одредби и следствено можат да служат само како индикација за фактичката независност на централната банка.
Според Ангеловска-Бежоска, зајакнување на правниот мандат на банката, личната независност на гувернерот и на други одговорни лица на банката, институционалната независност од извршната гранка и строгите ограничувања за задолжувањето на државата помогнаа во спроведување соодветна мешавина на политики која е погодна за стабилност на цените.
„Но, треба да се нагласи дека сегашниот закон предизвикува одредени предизвици во два клучни сегмента – одговорности за девизниот режим и процесот на избирање на неизвршните членови на советот на НБРМ.
Други области што заслужуваат внимание во поглед на натамошно унапредување на независноста на централната банка се мандатот и процесот на назначување и разрешување на гувернерот, како и улогата на централната банка во буџетскиот процес на Владата и во управувањето со долгови. Сепак, со оглед на тоа што проценката на независноста на НБРМ се базира на законските одредби, индексите можат да служат само како показател за вистинската независност на централната банка“, констатира вицегувернерката Ангеловска-Бежоска во истражувањето.
Во објаснувањето таа оди и чекор понатаму, па вели дека резултатите од мерењето на независноста треба да се толкуваат со претпазливост затоа што мерењето на вистинската независност изгледа како тешка задача и обично се мери преку стапката на промена на гувернери и прашалници пополнети од страна на централните банкари.
„Врз основа на критериумот за стапка на промена на гувернери, вистинската независност на НБРМ се чини дека е висока. Стапката на промена е 0,16, што значи приближно еден гувернер на секои 6 години. Сепак, ова е само еден агол преку кој може да биде проценета вистинската независност и затоа не може да се користи како силен доказ за де факто независност. Исто така, периодот на набљудување е прилично краток за да се изведат цврсти заклучоци“, анализира вицегувернерката.
Од кабинетот,пак, на претседателот Ѓорѓе Иванов нема промена.
„Бидејќи во Уставот и во законите на Република Македонија не се предвидува временски рок со кој претседателот на државата е обврзан да го достави својот предлог до Собранието, претседателот Иванов ќе постапи согласно досегашната практика и предлогот до Собранието ќе биде доставен навремено. Во изминатите два месеца претседателот Иванов вршеше консултации со релевантни фактори од оваа област. Претседателот Иванов, како и досега, ќе се води исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста која ја предлага, со цел Република Македонија да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува оваа многу значајна функција во државата за време на неговиот мандат“, е став на претседателот Иванов.
Политички брифери велат дека позициите на двете страни, и онаа на претседателот и на Владата, се бетонирани. По договорот во владејачката коалиција, Фатмир Бесими е исфрлен како најсериозен кандидат. Избор на претседателот, пак, сѐ уште бил Димитар Богов.
Богов дојде на чело на НБРМ на предлог на претседателот Ѓорѓи Иванов. Беше избран на 16 март 2011 година, без расправа, со 62 пратеници. Пратеничката група на тогаш опозициската СДСМ ја бојкотираше работата на Собранието, а на гласањето не присуствуваа и пратеничките групи на опозициската ЛДП и владејачката ДУИ. Во времето на избор беше најмлад гувернер во Република Македонија. Функцијата гувернер почна да ја врши од 21 мај истата година.
Анита Салтировска