Претепан прилепчанец поради статус на Фејсбук
Прилепчанецот И.Р. (37) физички нападнал, уценувал и ограбил свој сограѓанин поради објавен статус на „Фејсбук“ против него.
Како што информира МВР, Б.М.(36) пријавил дека вчера околу 19 часот додека се движел пеш по улицата „Лазо Филипоски“ го пресретнало патничко возило „Југо“, од кое излегол И.Р. (37) заедно со уште едно лице. Почнале да му се закануваат во врска со статус на „Фејсбук“ кој тој го напишал за И.Р., по што физички го нападнале.
Б.М. успеал да избега и влегол во една од куќите во близина, а по него влегле и двете лица и продолжиле да го удираат, а И.Р. му побарал пари, му го одзел пасошот и му рекол да извади се од џебовите. Сопственичката на куќата рекла дека ќе повика полиција и во тој момент напаѓачите си заминале.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.