Предраг Божичковиќ, Институт за белодробни заболувања: Ќе снема лекари за туберкулоза!


 

Ќе нема лекари кои ќе едуцираат за туберкулоза доколку на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза не му се врати можноста да едуцира кадар, тврди новиот директор на Институтот, Предраг Божичковиќ.

Според него, на професорите од оваа институција им е „земено жезлото од раце“ и тие предаваат на Универзитетот во Штип, но не и на Медицинскиот факултет во Скопје.

– Ние сме единствена референтна установа која може да врши превенција, заштита и лечење на ТБЦ и едукација на кадар. Со години наназад има тренд да се укинуваат специјализациите, да се укинуваат диспанзерите за туберкулоза. Во поголемите градови речиси и нема лекари за оваа болест. Наскоро ќе нема кој да ја препознае болеста. Целата работа е префрлена на нашиот Институт и ние од терцијално здравство, треба да се симнеме на ниво на примарна здравствена заштита – вели Божичковиќ.

Тој поднел барање до Министерството за образование за да се смени Статутот на Медицински факултет и едукација на кадарот за овие болести  да се прави на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, како што било од отворањето на Институтот во 1947 година до 1991 година.

– Не може Клиниката за пулмологија да врши едукација за ТБЦ – смета Божичковиќ.

Туберкулозата е заразна болест, позната уште како „болест на сиромашните“.  Симптомите се: кашлица подолго од три недели, искашлување крвав секрет, болка во градите, покачена температура, намален апетит, губење телесна тежина…Се пренесува со кашлање, кивање, плукање.

Во Македонија, туберкулозата низ годините има тренд на опаѓање. Маја Заковска, докторка на Инстутутот, вели дека минатата година се регистрирани 267 пациенти. За споредба, во 2007 година имало 627 лица со туберкулоза. Просечната  возраст на заболените е од 45 години до 54 години. Болеста најчесто се појавува во Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар. Особено ризични групи се затворениците и болните во психијатриски установи.

Лекувањето е успешно кај околу 85 отсто пациенти.

С.С.З.