Попречувањето на правдата мора да престане
Ерол Ризаов
Ако Владата навистина е на ниет да го спасува суштинскиот елемент на демократијата, треба брзо да примени потези и средства за обезбедување на владеење на правото. Во оваа една и пол година, по промената на власта, практиката покажува дека не е доволно само ослободувањето на институциите и уставно гарантираните принципи. Македонија одамна ги има тие механизми, но најзначајните функции на правосудниот систем се блокирани. Во делењето на правдата е направена тешка диверзија од претходната корумпирана власт која градела и изградила антиправен општествен поредок во заштита на криминалот на чело со претседателот на државата. Тој чурук систем мора да подлежи на генерален ремонт не само кадровски, туку многу повеќе во законодавниот дел и во департизација на правосудството.
Со месеци ја гледаме во живо и немоќта, но и намерениот јавашлак судството да не истера до крај еден единствен процес на обвинети поранешни високи функционери. Не се работи за сложени судења со многу нејасности и долги расправи на поротите ниту, пак, се работи за разбирлива и нужна внимателност на судиите да не се повредат основните човекови права и да не се наруши правната процедура. Не се тоа ситуации налик на познатите долги судски процеси во правни држави. Далеку од тоа. Во нашиот случај станува збор за попречување на правдата од моќни рецидиви на паднатиот режим и недоречености во законодавството што им ги врзуваат рацете и на судиите кои сакаат да судат по словото на законот. Затоа неопходно е во што покус рок законодавно доуредувањае на функционирање на судството за прашања кои не се регулирани, или се недоволно опфатени во законите.
Во сите земји во кои владеењето на правото е на високо ниво, каде што граѓаните стекнале доверба во судството, главниот столб на добро изградениот правен систем се острите казни против појавите и дејствата што грубо го поткопуваат владеењето на правото и го попречуваат неговото доследно остварување. Во таа насока Владата, парламентот и носителите на правосудниот систем неопходно е што побрзо да преземат најенергични мерки да се донесат неопходните закони и законски измени кои ќе го санкционираат попречувањето на правдата со остри казни. Во спротивно, најголемата придобивка од поразот на режимот и смената на власта ќе се угуши, ќе исчезне со банализација на одлагања на судските рочишта од корумпираната бирократија со добри изгледи Македонија да се врати на стариот колосек кога правдата се делеше во партиските штабови.
Тој тренд на банализација на судските процеси од ден во ден, со секое одлагање на судењата и на пресудите, прераснува во општонародна зафрканција и исмејување повеќе кон неспособноста на власта и на судството да го оневозможи попречувањето на правдата отколку кон бившите високи функционери обвинети за злоупотреба на овластувањата, за криминал, корупција и за злосторничко здружување, со местење на изборните резултати и уште еден куп тешки кривични дела. Некои тоа го објаснуваат како данок на слободата и на преголемата демократија, што е или големо незнаење во подобар случај, или во најчест случај тешка манипулација со еден дел од јавноста во стилот на лепливата приказна за Мурто и Курто. Демек, и едните и другите крадат, судиите судат по наредба и од едните и од другите кога се на власт, корупција и мито има и кај едните и кај другите, избори местат и едните и другите, не плаќаат даноци и едните и другите, од каде им толкави богатства и на едните и на другите… одамна познати доктрини на ставање сѐ во еден кош со што треба да се разводни до крај пресметката со носителите на организираниот криминал и на злоупотребата на власта и на овластувањата.
Во таа насока треба да се одвиваат и судските реформи кои ќе ја оневозможат бавноста на правдата која со самото тоа се претвора во голема неправда. И оштетените и судиите и адвокатите добро знаат од својата пракса и искуство колкава неправда може да биде задоцнетата правда. Тешко е да се опише тој ужас и тие страдања на невини луѓе по поминати години во притвор, во затвор и по уништен живот и егзистенција. Во судот не важат аргументите од типот и едните и другите правеле злодела, туку секој одделно треба да се соочи со кантарот што ја мери правдата која треба да биде слепа во однос на тоа кои се прекршители на законите. Доказите се најсилниот адут на секоја пресуда. Ги има или ги нема, сѐ друго пред вистинскиот суд е лук и вода. Моралната одговорност судот не ја гледа и не ја интересира. Тоа е работа на политиката и на јавноста. За жал, во Македонија уште не е совладана ни кај мнозинството граѓани, ни во најголемиот дел од медиумите разликата меѓу правото и правдата. Тоа некогаш се големи разлики чие неприфаќање предизвикува силни емоции и притисоци во повеќето деликатни судски процеси.
Снимените разговори стекнати незаконски не се пресудниот доказ, но се добра основа за темелна истрага. Тоа е исто како снимениот упад во парламентот на 27 април со обиди за убиства на пратеници и со попречување на работата на парламентот. Обвинетите, се разбира, може да тврдат дека тоа не е вистина, дека снимките се монтирани и да бараат вештачење и посилни докази од снимките дека навистина некого удриле во парламентот каде само шетале и протестирале, дека со ништо не го прекршиле законот, дека обвинетите направиле се во рамките на своите надлежности да го попречат насилието кое го осудуваат, дека не се чувствуваат виновни што ги отвориле вратите на народот и на насилници да тепаат пратеници итн., итн. Но, кога ќе се изнесат непобитните докази пред судот, тогаш не преостанува ништо друго за одбрана отколку да се тврди дека е тоа политичка пресметка и одмазда. Кога и тоа станува неуверливо и недоволно, пред доказите и сведоштвата се применува тактиката на одлагање на судските процеси со цел да се разводни и банализира работата до таму што јавноста ќе биде сосема незаинтересирана по повеќегодишни судења за епилогот од најголемата злоупотреба на власта во историјата на независна Македонија.
Деновиве тоа еден адвокат на обвинетите највисоки функционери на поранешната власт, сакајќи да биде пластичен и оригинален во својот исказ до каде е дојдена работата со судење на невини луѓе, пред ТВ-камерите го цитираше насловот на најновиот голем хит на Ѓорѓе Балашевиќ „Дно дна“. Демек судењето на неговите клиенти е дно на дното сакаше да каже бранителот. Така е, само што адвокатот не ја разбрал ни песната, ни пораката на Балашевиќ или, пак, играл на картата дека јавноста заборавила веќе за што се обвинети неговите клиенти. Песната на Балашевиќ е инспирирана токму од тие како неговите клиенти и корумпирани властодржци и деспоти. Затоа и таму кај што беше адресирана дека се случува „дно дна“ е забранета. Капираш бранителе, дај други аргументи.