Полска воведува закон со кој се забранува продавниците да работат во недела


Во Полска денеска стапи во сила новиот закон со кој се предвидува продавниците да мора да останат затворени во неделите.

Законот беше предложен од страна на водечки полски синдикат кој побара на вработените да им биде дозволено да се одморат и да поминуваат време со своите семејства во неделите, јавува АП.

Владејачката конзервативна партија го поддржа новиот закон, за разлика од опозициските партии кои предупредуваат дека десетици илјади работници би можеле да останат без работа.

Со новиот закон се предвидува првите две недели од месецот да бидат неработни, а потоа се планира неработни да бидат три недели на секој месец во текот на 2019 година, и на крајот сите недели во 2020 година, освен во неделите пред Велигден и божиќните празници.