Плод од затруено дрво


Ило Трајковски

Насловот на оваа моја прва колумна ми се чини е соодветна најава за она што имам намера да го постигнам со планираниот колумнистички серијал во „Независен весник“. Намерата ми е да ги анализирам и промислувам многубројните појави во нашето современо општество кои се последица од незаконитоста или, како што вообичаено се вели, од „хаосот“, од „ненормалното“, од „лудото“ време во кое живееме. Но, хаотично, лудо и ненормално не е самото времето. Времето како категорија на физиката и филозофијата си е едно и исто, универзално, сега и секогаш. Станува збор повеќе за времето како општествена рамка и како социолошка категорија. Од таа перспектива тоа нам ни се појавува како шокантно, хаотично, лудо, ненормално, затоа што такви ни се активностите и однесувањата со кои ги протуркуваме нашите животи и во нив, нашите лични, семејни, професионални и политички односи со луѓето.

Пораката што ја носи фразата „плод од затруено дрво“ ми се чини за издржaна дијагноза како за состојбите на макро, т.е. на општествен и, пред сѐ, на политички план, така и на микроплан, т.е. на ниво на секојдневните колегијални, професионални па меѓучовечки односи. На сите нивоа преовладува незаконитост (тоа е „затруеното дрво“) и ние ги живееме животите ни, хранејќи се, буквално и метафорички, со плодови (оценки, дипломи, работни места, награди, покупки… ) од затруени дрва. А знаме дека и плодовите се затруени! Но, тоа го гледаме и критикуваме само тогаш кога таквите плодови ни се нудат нам или тогаш кога не сакаат да ни ги „откупат“ затруените плодови од нашата реколта. Како да се надмине овој проблем?

Во земјоделството, луѓето во напреднатите земји, тоа го решиле со развивање биолошко и органско производство. Тоа претпоставува најпрво да се исчисти почвата за да може од неа да се хранат и израснат здрави стебла кои ќе даваат здрави плодови. Во општеството и политиката чистата почва тие ја обезбедуваат со институциите на владеењето на правото и општо со културата на законитост. Клучно место и улога во тој систем има независното судство. Еден од институтите на таквото судство е и правната доктрина именувана во насловот. Таа со фразата „плод од затруено дрво“ првпат е формулирана од судија на американскиот Врховен суд во 1939 година.

Централен принцип на оваа доктрина е дека незаконски стекнати материјали, информации не може да се користат како докази во судска постапка. Од нејзиниот формулирање до денес оваа доктрина е проширена со неколку прецизирања кои, сепак, допуштаат такво нешто, но во прецизно определени исклучувачки ситуации. Тие се прашање за нашите правници – особено за оние на кои јавно промовираните, на кои најчесто, отпосле им текнува, откако на тоа ќе им укажат од надвор. Јас со мојата социолошка призма се замислувам на валидноста на оваа доктрина кај нас. Не толку за нашето земјоделство во кое гледаме дека се прават првите чекори кон органско производство. Повеќе во бавчата наречена општество во транзиција.

За таа цел, ќе се загледам во два свежи примери кои ја актуализираа оваа идеја кај нас и ме поттикнаа да ја промислам. Првиот пример е на политички план, а вториот на еден од микроплановите на кои оперирам како професионалец.

На политички план, оваа доктрина станува жестоко актуелна деновиве. Непосреден повод е пресудата на грчкиот Врховен суд да не ги екстрадира двајцата, кај нас, обвинети разузнавачи. По таа логика на бранителите на лицата обвинети во повеќе постапки на СЈО им текна да се повикаат на одлуката на претседателот на државата за нивно помилување. Таа одлука како и подоцнежната одлука за повлекување на помилувањата се пример за состојбата со не/законитоста кај нас, вклучувајќи го и проблемот со доктрината за плодовите од затруеното дрво. Логично би било да заклучиме дека една од нив е незаконска. Но, логиката нема место во социологијата на македонското право и правосудство. Токму затоа времињата ни се чинат луди! А всушност лудоста и хаосот произлегуваат од незаконитоста, волунтаримот и силеџиство на помоќните. Тие најдобро поминуваат во вакви ненормални или ненормирани и шокантни околности, како што детално аргументираше Наоми Клаин.

Така, на пример, објавувањата на материјали стекнати на незаконски начин во февруари 2015 одекнуваа како „бомби“ и од нив профитираa едни. Подоцна, во мај 2017 година, доктрината за плодовите од затруено дрво на помош јавно ја повикаа токму водачите на партијата која заробувајќи ја државата незаконски ги создаде тие материјали. Тогашното водство на ВМРО-ДПМНЕ со таа фраза го оквалификува давањето на мандатот од претседателот на лидерот на опозицијата. Но притоа не се свртеа наназад да согледаат дека одреден дел од нивните претходни мандати и други постигнувања во политиката, но и во нивните приватни и бизнис животи биле, како што покажаа „бомбите“ плодови од некое од многуте од нив затруени дрва – од незаконитоста на нивното владеење.

Ваквите политички околности влијаат врз нашето однесување во секојдневниот живот, во нашите микросредини, дома, на работа… Она што доаѓа од водствата, елитите, макар и номинални, се имитира од граѓаните. Од таму го црпам вториот поттик за тематизација на доктрината. Спорејќи една одлука која беше донесена на нелегален начин, во приговорот истата ја оквалификував/ме како „плод од затруено дрво“. И! Одлуката беше повлечена! Секако, не поради моќта на фразата туку поради убедувањето на повисоката инстанца до која се пожалив/ме дека аргументите со кои беше поткрепена се факти. Процесот тече понатаму. Но, реакциите на донесувачите и предлагачите на спорната одлука на оваа фраза заслужуваат социолошка анализа. Тие откриваат дека: прво, во некои службени кругови од нашето општество личните ставови, интереси и искуства и личните односи со луѓето се првиот и главен филтер и критериум за колективните претстави и одлуки и, второ, дека некои од нашите „врвни“ правници се лажни, локални величини.

Фразата плод од затруено дрво во нивното разбирање да ти значело дека тие лично се плодови (деца) од затруено дрво (семејство). Дека тоа го доживеале трауматично и дека се подготвени да тужат. Но, најфрапантно и, всушност најинтересно, беше тврдењето дека ваквото значење на фразата им го протолкувале и потврдиле „врвни правници“. Тие се консултирале со правници од кругот на нивните лични познаници од нивното непосредно опкружување. Ги посочуваа и поименично – едниот министер и професор по право, другиот „врвен адвокат“. Да се чудиш! Што е потрагично? Да им поверуваш и сфатиш дека таквите „врвни правници“ се плодови на еден медиокритетски систем на едукација и регрутација?! Или, да ги прифатиш како уште една пројава на се поприсутниот модел на блеферско и што би рекле битолчани „кабадајско“ однесување.

Таквото однесување до вчера беше дел од улицата. Транзицијата, демократска и капиталистичка тој модел на однесување го внесе на широки врати во највисоките јавни институции. Од него страдаат не само политичките туку и академските и културните институции. На појавно ниво, критериумот се чини е партиската заслужност. Но, одредени индикатори (кадровски решенија и политички мерки) покажуваат дека е во тек процес на партиска картелизација на јавните институции. Главните партии само наизглед меѓусебно се борат до уништување. Во стварноста, со посредство на „луѓето за врска“ меѓусебно се координираат со цел да се заштитат било од законот било од зајакнувањето на нови аспиранти. Цел на картел-партиите (според Katz и Mair) не е да претставуваат и да остваруваат одредени идеи и политики кои ги ветиле туку да владеат со цел да профитираат од практикувањето на власта.

(Авторот е универзитетски професор)