Писмата, наместо еден, патуваат по 15 дена
Писмо што Македонска пошта треба да го достави за ден или два, до адресата патува и по 10-15 дена. Нередовната достава на пратки, особено оние за кои Пошта има монопол, е постојан проблем на кој се жалат граѓаните години наназад. Испуштени рокови за плаќање и казнени пенали, незапазени термини на различни конкурси и губење работа или со задоцнување добиена документација испратена од различни институции, се најчестите жалби на граѓаните. Огромен дел од овие пратки се испраќаат во рамките на главниот град, каде што според законските рокови мора да бидат испорачани веќе следниот ден.
Иако огромен дел од комуникацијата во последните години се сведе на испраќање електронска пошта, институции, како Управата за јавни приходи, општините или големите испраќачи како ЕВН, мобилните оператори, комунални претпријатија, банките или осигурителните компании, сè уште добар дел од комуникацијата со своите клиенти ја вршат на традиционалниот начин.
„Многу важно писмо добив седум дена откако поминал рокот за кој требаше да бидам информирана, односно 15 дена од датумот од кој беше пратено писмото“, се жали скопјанка и додава дека се работи за достава од институција во Скопје, на нејзината домашна адреса, исто така во Скопје.
Законот, пак, предвидува дека во домашниот сообраќај за одредени услуги и не постои рок подолг од три дена од денот на испраќањето на пратката, кој би можел да се оправда, дури и да се работи за најоддалеченото населено место. За најголем процент од услугите рокот е еден ден, што значи писмо што денес е испратено утре треба да е доставено.
„Не се поставува прашање дали Македонска пошта или некој друг оператор мора да ги достави пратките што ги презел од испраќачот. Вистинското прашање е за колку време тоа треба да го стори, а роковите за Македонска пошта се поставени во самиот закон, кога се вели дека давателот на универзалната услуга треба секој работен ден, најмалку пет пати во неделата да ја извршува својата дејност, односно да прима и доставува пратки, и тоа да биде со определен квалитет што подразбира меѓу другото и брзина на пренос од почеток до крај“, велат во Агенцијата за пошти.
Од таму посочуваат дека е многу мал бројот на граѓани кои поднесуваат поплаки на работата на поштенските оператори. За околу 45 милиони испорачани пратки годишно, до нив пристигнале околу 4.500 жалби. Податоците со кои располага Агенцијата за пошти покажуваат дека најголем број од изјавените рекламации од корисниците се адресирани до Македонска пошта, со оглед на фактот што овој оператор има 94,3 отсто удел на македонскиот поштенски пазар, а 80 отсто од нејзиниот бизнис е заснован на услуги за обични писма, кои се доставуваат во поштенски сандачиња. Граѓаните како примачи најчесто се жалат на доцнење на обичните писма како што се сметките, известувањата и слично. До Агенцијата најчесто приговараат и за доцнење на малите пратки кои пристигнуваат од странство од нивните интернет нарачки, а чија достава најчесто ја врши Македонска пошта.
Секој граѓанин, кој ќе се соочи со доцнење на пратката и тоа ќе го пријави, има право на надомест на штета. Законот предвидува, ако се работи за препорачана пратка која доцни повеќе од два дена, надоместот на штетата да биде петкратен износ од поштарината за услугата, а доколку е изгубена, операторот е должен да исплати петнаесеткратен износ од поштарината.
Решение за проблемите на Пошта, во кои најчесто се оштетени граѓаните, според Агенцијата е либерализација на пазарот и итна реформа на националниот оператор. Воведувањето конкуренција со сигурност ќе донесе значителни поволности како поразновидни, современи и подостапни услуги, а од друга страна кога клиентите ќе имаат избор меѓу различни оператори, ќе се подигне и квалитетот на постојните поштенски услуги.
„На овие чекори Македонија се обврза уште во 2007 година, кога со Стратегијата за развој на поштенските услуги јасно се декларира либерализацијата на поштенскиот пазар како една од стратешките цели за развој на поштенските услуги, првенствено со укинувањето на монополот на писма до 50 грама. Втората стратешка цел е целосна реформа во Македонска пошта, како неопходна подготовка на компанијата за нов пазарен настап во услови на либерализиран пазар. За жал, ниту една од спомнатите политики до денес не е остварена, информираат од Агенцијата.
Од Македонска пошта не добивме одговор на прашањата за доцнењето на пратките, иако тие беа испратени пред речиси една недела.
Либерализација и укинување на монополот на Македонска пошта пред неколку месеци побараа и од Сојузот на стопански комори, по направените анализи на извештаите за работењето на поштенските оператори.
„Согласно со извештаите на Агенцијата за пошти за квалитетот на услугите, граѓаните во 2016 и 2017 година најмногу се жалеле на брзината на доставата на поштенските пратки, од кои речиси 90 отсто се поплаки на достава на препорачаните писма“, велат во ССК.
Сања Наумовска