Пет спортски минуси во 2017 година


1. Кошаркарите не успеаја до квалификации за СП 2019

Македонската кошаркарска репрезентација се соочи со фијаско во претквалификациите за СП 2019. „Црвено-жолтите“ не успеаја преку Естонија и Косово до главната фаза од циклусот за завршниот турнир во Кина. Елиминацијата беше дочекана како големо разочарување од причина што националниот тим на ЕП 2011 во Литванија го освои четвртото место. Тоа повлече последици на подолг рок, па Македонија мораше да се врати скалило подолу и за ЕП 2021 за што мора да игра претквалификации.

2. МЗТ Скопје го загуби Куп и падна на дно на Јадранот

Фото: aba-liga.com

Исклучително лоша година е зад кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром. „Штрковите“ го загубија тронот во националниот Куп и ланската сезона ја завршија при дното во АБА лигата. Ништо поразлично во регионалното натпреварување не е ниту во тековната сезона во која македонскиот првак е последен на табелата. Во потрага по рецепт за излез од кризата, управата на аеродромци смени пет тренери и повеќе од десетина играчи, но резултати барем засега изостануваат. Ланската сезона беше спасена со одбрана на титулата во домашниот шампионат.

3. Четврта година без Шарпланински куп

Шарпланинскиот куп во 2017 година го прескокна и четвртото издание во низа. Во годината во која требаше да се одбележат 70 години од постоењето, најстарата скијачка манифестација на Балканот беше одложена иако во минатото (и Бојан Крижај беше ангажиран како технички директор на трката) беше постојано потенциран организацискиот напредок на настанот во континуитет. Како што стојат работите ќе нема Шарпланински куп ниту во 2018 година. Последен победник на трката беше Словенецот Миха Кирнер во 2013 година.

4. Ислами претпоследна на 400 метри со пречки на СП во атлетика

Дрита Ислами беше единстевната македонска претставничка на Светското првенство во атлетика. Државната рекордерка на 400 метри со пречки се појави во истата дисциплина и на тартанот во Лондон пришто делницата ја истрча за 1:00:38 минути за 38 време во конкуренција на 39 натпреварувачи. Ислами покажа напредок за разлика од ОИ во Рио де Жанеиро каде 400 метри со пречки ги мина за 1:01:18 минути, но, сепак, е далеку од некакво остварување што може да се окарактеризира како прифатливо.

5. Ракометот на ниски гранки во Прилеп, во Велес и во Богданци

Три ракометни центри преживуваат тежок период. Неизвесна ракометна судбина е надвисната над Прилеп, на Велес и на Богданци чии екипи се далеку од конкурентни на сцената. Прилепчани пред две години ја претставуваа Македонија во европските купови, а оваа сезона се соочуваат со проблеми да врзат крај со крај. Идентична е ситуацијата и во Борец, а Младост иако обезбеди место во Суперлигашката конкуренција, сепак, се врати во Прва лига поради тоа што административни пречки.