Партизмот и нецивилизираноста


Ило Трајковски

 

Многу настани во текот на последната година, а особено по 27 април 2017, го поттикнуваат прашањето за односот помеѓу партијноста и цивилизираноста. Но да бидеме искрени кон себеси. Ова прашање не е наш ексклузивитет. Непосредниот повод за оваа моја размисла за ова прашање не го најдов во настан кај нас, туку во Соединетите Американски Држави. Значи, и таму овој проблем е актуелен. Настанот го приреди Хилари Клинот, државен секретар за време на претседателството на Барак Обама и кандидат на последните претседателски избори на кои таа загуби од Доналд Трамп.

Хилари Клинтон во неодамнешно интервју за Си-ен-ен, зборувајќи за односите меѓу демократите и републиканците по доаѓањето на власт на Трамп, изјави дека не може да се биде цивилизиран (пристоен) со политичка партија која сака да уништи сè за што се залагате и се борите. Според неа, цивилизираноста на демократите кон републиканците може да почне само откако демократите ќе го освојат Горниот дом или Сенатот. За да ја оправда ваквата своја шокантна и воинствена изјава, Клинтон изјави дека причина за таквиот нејзин став е тоа што републиканците како нивни противници единствено нешто што разбираат и почитуваат е – силата!

А силата, како што вели нашиот народ, бога не моли. Силата не бара допуштање или оправдување за своите акции. За неа нема правила. Таа е нецивилизирана. Си допушта во борбата да уништи сè за што, како што вели Клинтон, се бори нејзиниот непријател. Повикот за борба со сила е повик за напуштање на политиката и за започнување војна. (Иако според некои и војната е политика, но само со насилни средства.) Силата е варварска, уништувачка. За непристојните и насилниците ништо не е свето.

Таа нецивилизираност кај нас ја видовме на дело на 27 април 2017 година со упадот во Собранието на Македонија. А таквата воинствена состојба на духот според Петар Богојески, неодамна разрешениот заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е присутна и денес во врвот на неговата партија! Оттаму доаѓаат, на пример, етикетите за претставниците на СДСМ, но и за сите што излегоа на гласање на 30 септември како предавници. Од спротивната страна, пак, од круговите на СДСМ слушаме многубројни изјави, но и конкретни чинови од кои блика презир и понижување, не само за вмровците, туку и за сите што не гласале на референдумот или што искажале критички мислења и оценки.

Насилниот влез во просториите на домот на демократијата, но и постојаните меѓусебни презирачки етикетирања и закани, по социјалните мрежи и во непосредната, лице в лице комуникација, се силни предупредувачки индикатори за опасноста од попуштање на браните пред надоаѓачките реки варварство. И двете страни промовираат омразоносна партијност која само поради чудо сè уште не резултирала со смртоносни последици. Длабочината на меѓупартиската поларизација достига алармантни размери. Зошто меѓупартиските односи се доведени до ова ниво?

Одговорот зависи од тоа кој го дава. Играчите вклучени во меѓупартиските војни имаат свои објаснувања. Според Хилари Клинтон, на пример, нејзиниот повик на непристојност е само реакција на политичката некоректност и нецивилизираност промовирани, пред сè, од претседателот на САД, Доналд Трамп. Слично видување на проблемот кај нас застапуваат повеќемина експоненти на опозициската партија. Според нив, власта е таа која ги презира политиките и претставниците на опозицијата и која прифаќа предавнички и капитулантски договори, еднаш со Албанците, друг пат со Бугарите, третпат со Грците итн. Обратно, според нашите, но и сите други властодршци, опозицијата нема право да зборува за патриотизам, неморал, корупција и сл. оти додека била на власт ја опљачкала земјата, ја уништила Македонија, дека е ништожна и дека, ако сака, може и да умре од мака што не е на власт!

За разлика од ваквите навивачки објаснувања кои само ги засилуваат меѓусебните обезвреднувања и пизми, социолозите и политиколозите наоѓаат подлабоки причини за загрижувачкото поларизирање меѓу политичките партии и со тоа поврзаниот продор на нецивилизираност во нивните меѓусебни односи, но и пошироко. Така, на пример, американскиот политиколог Лилиана Месон покажува дека жестоката меѓупартиска поларизација не произлегува од заострување на идеолошките и политичките разлики помеѓу партиите. Во нашиот случај тоа би значело дека актуелната поларизација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не е последица од некои промени во нивните идеолошки или политички позиции. Поларизацијата и со неа поврзаната нецивилизираност не произлегува од промените во ставовите на овие партии во врска со конфликтот со Грција и спогодбата од Преспа. Обратно, тие извираат од издигањето на партискиот идентитет над сите други колективни идентитети – вклучувајќи го и националниот идентитет.

Во својата најнова книга (Нецивилизирана спогодба, 2018) Месон покажува како членството во политичка партија, односно партиската припадност или партијноста станува главен колективен политички идентитет. За означување на оваа појава во англискиот јазик се користи терминот „partisanship“, на хрватски и српски се преведува како „странчарење“, а за превод на македонски би го предложил терминот „партизам“.

Оваа појава се детектира како причина за актуелната ескалација на поларизацијата и за посегнувањето по нецивилизирани средства во меѓусебната политичка борба. Пренесувајќи ја валидноста на оваа теза на наш терен, таа тврди дека поларизацијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не произлегува од различните одговори (политики) на двете партии на прашањето дали со Спогодбата со Грција се обезбедуваат (СДСМ) или се предаваат (ВМРО-ДПМНЕ) националните интереси и националниот идентитет. Не! Причина за поларизацијата е што со реализација на Спогодбата се поткопува политичкиот идентитет на ВМРО-ДПМНЕ, на една страна и се зајакнува идентитетот на СДСМ, на друга страна. Според тоа, клучно е прашањето која од двете политички партии добива, а која губи со потпишувањето и исполнувањето на Спогодбата. А имајќи го предвид фактот дека македонските партии се, во основа, лидерски и авторитарно профилирани, тоа значи кое водство добива, а кое губи.

За актуелното водство на ВМРО-ДПМНЕ дејствувањето против Спогодбата не е, просто, само прашање за одбрана на уставното име на државата. Повеќе и поважно од тоа е одбраната на загрозениот партиски идентитет. Имено, со Спогодбата, на повеќе начини се „потсекуваат“ крилата на македонизмот врз кои е формирана и врз кои опстојува ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија. Поради тоа, отфрлањето на Спогодбата е всушност отфрлање на обезличување на партијата и нејзиното водство. Ваквото чувство на загрозеност на базичниот политички идентитет не само што отвора врата за различните форми на нецивилизиран третман на политичкиот опонент туку претставува и вистинска прокрустова постела за партијата. Таа не се прикажува себеси само како противник на еден конкретен политички проект, туку и како попречувач на стабилизацијата на регионот и на неговата интеграција во НАТО и ЕУ. Обратно од тоа, СДСМ во прифаќањето и спроведувањето на Спогодбата виде можност за зацврстување на сопствениот политички идентитет како државотворна, проевропска и пронато партија. За актуелното водство на оваа партија ова беше и сè уште е особено важно имајќи го предвид уставно и политички контроверзниот начин на сопственото устоличување на власт.

Оттука, излезот од слепата улица во која сме внесени и во која сè посилно ќе нè зафаќа клаустрофобичност, но и многу други фобии кои ќе генерираат нецивилизираност, треба да се бара, најпрво, во упристојување на партиите и на нивните водства.