Паоло Маџели, театарски режисер: На македонскиот театар му е потребна естетска револуција


-Чувствувам како да живее некој неоконзерватизам во уметничките кругови меѓу младите генерации во Македонија, вели италијанскиот театарски режисер Паоло Маџели кој ја поставува претставата на „Еден месец на село“, по текст на Тургењев во Македонски народен театар.

Маџели е добар познавач на театарските состојби на Балканот, бидејќи живее и работи триесетина години во Загреб. Пред 34 години поставил две претстави во Драмски театар, „Карамазови“ и „Тетовирани души“, а потоа во МНТ ја поставил „Црна дупка“ на Горан Стефановски.

Тој е роден во Прато, Тоскана, а во текот на кариерата реализирал повеќе од 150 претстави во различни земји меѓу како Германија, Швајцарија, Италија, Израел, Унгарија, Венецуела, Мексико, Колумбија, Хрватска, Белгија, Словенија, Србија и Црна Гора. Неговите бројни режии оставаат длабок печат на балканските простори, а неговото влијание е присутно и на европската и латиноамериканска сцена. Во Прато бил асистент на Џорџо Стрелер. Својата кариера ја започнува со „Teatro studio de Teatro Metastasio“, театар што го основале заедно со Роберто Бенињи.

Ја отворате сезоната на МНТ со „Еден месец на село“ на рускиот класик Тургењев. Зошто го одбравте овој текст за овој ансамбл?

На 9 октомври се одбележуваат 200 години од раѓањето на Иван Сергеевич Тургењев, а дополнителна причина е тоа што во Македонија досега никогаш не бил поставен овој автор. Не беше ниту преведен, па за оваа претстава тоа го направи мојата драга пријателка, актерката Катерина Коцевска. Тургењев е најважниот писател, тој е првиот руски писател кој е преведен на Запад, а Достоевски и другите се преведени по него. Тој беше еден од најважните интелектуалци на 19 век. Роден е во аристократско семејство, а се борел против аристократијата. Во Франција бил еден од највлијателните личности во тоа време, а таму и починал. Поради неговото дело „Приказната за еден ловец“ бил и цел месец во затвор во Русија, а цела една година во домашен притвор, само затоа што го нападнал панславизмот. Поради тоа што слугите во тоа време биле третирани лошо, се борел против тоа ропство и со тоа дело го разоткрил руското општество. Додека студирал во Санкт Петербург, професор му бил Гогољ. Мајката на Тургењев била навистина богата, но сакала да го избрише од наследството, во што не успеала, бидејќи починала и не стигнала да го потпише тестаментот. Тој им помогнал и на Достоевски и на Толстој да се извлечат од своите коцкарски последици и долгови. Иако со нив не се согласувал, бидејќи Тургењев бил за некаква европска Русија и во Париз ги имал за пријатели Емил Зола, Мопасан итн.  Овој текст го поставив и во Загреб, кој исто така претходно не беше поставуван и таму имаше голем успех и остана на репертоарот повеќе од десет години.

По триесетина години, повторно соработувате со македонски театар и актери. Какви промени забележавте воопшто во театарот, начинот на работа, условите?

Тогаш имаше голем нагон за истражување. Ова е мој впечаток. Македонија во времето на Југославија беше еден од најнемирните и непослушни театарски простори. Во постојана потрага по нешто ново. Ми се чини дека сега има некој неоконзерватизам кој владее во уметничките кругови тука.

Добар познавач сте на театарските состојби на Балканот, сте работеле речиси во сите наши соседни земји. Освен Словенија, која од земјите е со најдобро развиена театарска култура?

Би рекол Загреб, но не и Хрватска. Хрватска од една страна изгуби генијални истражувачки театарски центри, како тој во Сплит. Таму некако се успаа. Затоа велам Загреб, кој е на 20 километри од Словенија, во близина е и Виена и се чувствува таква рефлексија. Влијанието е видливо, но има и нови театарски структури. Е тоа е она што му фали на Скопје. Му фалат уште два театри, а можеби и повеќе. Има само еден театар за деца, нема куклен театар, нема театар за млади. Овој единствениот што го имате не е доволен, бидејќи Скопје во меѓувреме стана голем град и ова не е доволно. Потребно е на двете страни на Скопје да има по еден театар. Тоа да го добијат младите во свои раце, тоа ќе промени многу во театарската култура. Потребна е нова естетика, но и нови актери да излезат на површина, кои ги имате.

Што треба да има една претстава за да биде современа, модерна?

Во Германија, уште пред 15 години имав претстава на која работев со седум камери и тоа беше модерно. Можеби некогаш е нужно да се користат технологиите или барем да се има тоа некогаш како искуство. Но, сега мислам дека е потребно враќање на редот во театарот, во прв план глумците. Имаше една одлична претстава која во исто време беше поставена во Дортмунд и во Берлин. Режисерот користеше камери кои во живо во Дортмунд пренесуваа што се случува на сцената во Берлин, и обратно. Актерската екипа беше од Берлинер ансамблот, а режираше Кеј Вогс. Беше интересно да се гледа како се разменуваат сцените, во Берлин се играше смрт, свадба и раѓање, а во Дортмунд раѓање, свадба, па смрт. Кога вака ја користите електрониката или ја користите за да покажете нешто што го нема на филмовите, тогаш се согласувам да се користи. Од друга страна, сега се поставува едно друго прашање, а тоа е за новата драматургија. Што е тоа нова драматургија? Сè повеќе разговарам со новите писатели и автори да продолжат да истражуваат и да бараат нешто ново. Фали школа за пишување, тоа ужасно фали. Мислам дека најголемите медиокритети се произведени на академиите, а тоа треба да се реформира.

Каков совет имате за театарските работници во Македонија? Што треба да се промени или што Вие би промениле тука?

Па, не би бил во ниедна од овие театарски куќи. Би отишол некаде надвор од градот и во некој напуштен објект би правел театар, би се обидел да направам револуција, и тоа естетска.

Какво е Скопје што го паметите од минатото, а какво е сега?

Моите сеќавања за Скопје се поврзани и за еден од моите најдобри пријатели, а тоа е Ненад Стојановски. Со него работевме заедно две-три години. Мене со Скопје ме поврзуваат и Катерина Коцевска, Синоличка Трпковска, Мето Јовановски, Горан и Влатко Стефановски, Слободан Унковски… Тоа беше една немирна екипа, која не се предаваше. Уметникот треба да биде волк самотник, а не да биде интегриран граѓанин. Уметникот мора да биде непослушен граѓанин.

Политичките игри се замешани во културата речиси секаде во светот. Која е границата која не смее да биде пробиена?

Политиката не смее да биде во културата. Политиката треба да обезбеди функционер за културата, способен и тоа е сè. Директорите мора да се избираат исклучиво по способноста. Политизацијата ќе уништи сè, доколку ѝ се дозволи да влезе.

Ивана Настеска   Фото: Борис Грданоски