Охридското езеро си го врати „своето“


Охридскиот регион во текот на вчерашниот ден го зафати силен ветар што на моменти достигнуваше брзина и до сто километри на час. И тука нема ништо чудно, не е првпат засилен југ да дува во Охрид. И направил проблеми, и тоа не е спорно, настрадаа некои објекти, некои стари дрвја, неколку дотраени оџаци, несмасно монтирани и необезбедени ламаринени покривни конструкции. Но силниот ветар никако не го „излеа“ Охридското Езеро туку неговите разбрануваните води само ги изнесоа на површина сите наши пропусти, грешки, импровизации направени во изминатите не повеќе од сто години, пишува МИА.

Охридското Езеро не е чаша што ако се преврти ја истура водата. Тоа е тука на истото место далеку пред нас, пред два и пол милиони години си го одреди своето место. Луѓето се тие што се дрзнаа да земат, украдат, присвојат дел од просторот што природно само нему му припаѓа.

Колку за потсетување, кај секоја водена површина при зголемен водостој каков што е моментално во целата држава и регионот, има места што луѓето отсекогаш ги знаеле како критични точки каде прво се појавува вишокот вода. Да не одиме подалеку, постарите генерации добро се сеќаваат на мочуриштата кај Бејбунар, Струшко поле, Студенчишко блато каде со извесни осцилации речиси секогаш имаше вода.

Секоја човекова интервенција во тој простор, градежни зафати за мелиорација како исушувањето на Струшко поле, пренасочувањето на реката Сатеска, узурпацијата на Студенчишко блато беа ништо друго, туку одземање на дел од просторот што езерото го имаше резервирано како свој токму во периоди на најдојдени води како сега. И речиси секоја година во овој период.

Ако тука се додадат уште и зафатите на Црн Дрим како природен испуст на Охридското Езеро и користењето на езерската вода за човекови потреби од електрична енергија, човековата контрола на количеството вода што единствено на таа точка може да се излее, ништо помалку од очекувани се „надојдени“, а не „излеани“ води да прават проблеми.

Малку по малку луѓето узурпираа од природниот простор на Охридското Езеро. Бројни се „модерни“ уредувања на плажи со некакви бетонски плочи, метални платформи, па и „парапетчиња“ што претставуваат ништо друго туку крадење простор резервиран од езерото. Доволно е да се застане на пример на патот кај Пештани и со слободно око да се види дека дел од објектите на страната накај брегот се изградени пониско од самото ниво на езерото. Потоа при секое надојдување на водата има поплавени гаражи, магацини, летни кујни…

Во градот Охрид ситуацијата при висок водостој е најкритична токму на местата каде е извршен најголемиот зафат во езерската површина. Во Стариот дел на градот со изградба на тераси, платформи, плажи каде што никогаш немало. Не случајно никогаш езерото не направило штета на пример кај Канео, делот од градот кој отсекогаш бил на самиот брег, оттаму што луѓето при изградбата на објектите за живеење во минатото знаеле до каде можат да одат. (Веројатно и оние што своевремено ја одбирале локацијата каде ќе го градат Ресен и тоа како воделе сметка што му припаѓа на Преспанското Езеро,знаеле до каде можат да зафатат од просторот и затоа го изградиле толку подаелку од брегот.)

Дека наколни населби можеле да се градат само на одредени места покажуваат праисториските локации како Заливот на коските кај Градиште, сместени во заветрина и на позиција каде ретко фаќа бран, а не на места што при јужен ветар се на директен удар на елементите. Доказ за тоа е т.н. Мост на желбите, кој вчера не одолеа на налетите на силниот бран.

Под вода се најдоа тераси на повеќе угостителски објекти, кафулиња. Никаде немаше проблем ниту штета каде нешто е изградено според природните правила, настрана од местата каде езерото оставило песок. Тој песок, тие природни плажи, колку и да беа малечки површински беа внимателно одбележани од самото езеро уште во далечната историја како места резервирани за неговата вода, места каде при ветар како вчерашниот ќе се амортизира налетот на бранот.

Од ударите на ветрот навистина настрадаа неколку стари стебла дрвја, покриви на постари обејкти и единствено лошо изработени и обезбедени ламаринени кровни конструкции, криви стари бандери. Тука не треба никакво објаснување што е причината за нивното уривање.

Охридското Езеро во соработка со јужниот ветар ни го фрли в лице сето ѓубре што без контрола години наназад го фрламе во него и во притоките од неговото сливно подрачје. Сите луѓе од градот знаат дека при секој југ ѓубрето ќе ни дојде в двор… Старите охриѓани тоа го викаа езерото само си се чисти…

Во исчекување сме да се огласат екологистите по социјалните мрежи, да упатуваат, насочуваат, корегираат како да се однесуваме. Триесеттина години наназад големи пари потрошивме во еколошки проекти насочени кон подигање на свеста кај населението. Засега ефектите поразителни.

И овојпат заседаваше Кризчнот штаб на Општина Охрид, договорени контретни активности, се координаат службите. Од Дрим се испуштаат по 20 метри кубни вода во секунда за да се растерети напливот на водата, екипите се на терен чистат. Преведено, се гледаме кон небото и се молиме да не заврне.

А правните и физичките лица што претрпеле штети од понделеник ќе можат да пријават оштетувања до специјална Комисија за проценка…И повторно заеднички ќе плаќаме за сите грешки, пропусти, импровизации направени во минатото и ги повторуваме и сега. Кога не научивме да живееме во хармонија со природата и по правилата што ги налага посилниот. Кој е тоа видовме вчера