Опозицијата најави протести за соборување на Владата на премиерот Рама


Албанската здружена опозиција најави дека набрзо ќе почне со протести чија главна цел ќе биде соборување на Владата на премиерот Еди Рама.

Ова, гостувајќи во телевизиска емисија, го соопшти Петрит Васили, потпретседателот на третата по големина партија во земјата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ) и координатор на пратеничката група во албанскиот Парламент.

Според него опозицијата не го доведува во прашање учеството на локалните избори во јуни 2019 година, но има еден услов, а тоа е избори без Рама како премиер.

– ЛСИ никогаш не го поставило за дискуија прашањето дали ќе учествува или не на локалните избори. Дури уште во летото почнавме подготовки. Но, има само еден услов од наша страна. На овие избори, Албанија мора да оди без Еди Рама како премиер и ние ќе го постигнеме тоа, посочи Васили.

Тоа, според него, ќе го постигнат со сенародни протести во земјата, кои ќе почнат многу набрзо и под чиј притисок Владата и Еди Рама ќе бидат принудени да си заминат.

– Целта на протестите ќе биде неговото заминување и организирање на избори со друг премиер, посочи Васили.

За масовните апсења во рамки на мега акцијата „Силата на законот“, Васили изјави дека ја поддржува полицијата во борбата против криминалот, но на сето она што се случило изминатите треба со внимание да се гледа во наредните денови.

– Моето прашање е: Каков ќе биде континуитетот на овие сензационални апсења? Организираниот криминал, дрогата, перењето пари, станаа главни проблеми во оваа земја, оцени Васили.

Инаку, и лидерот на најголемата албанска опозициска сила Демократската партија (ПД), Љуљзим Баша, деновиве изјави дека опозицијата нема да се согласи да оди на избори доколку актуелниот премиер Рама биде на таа функција.

– Албанската опозиција се подготвува за избори, но без Рама како премиер, истакна Баша.

Тој уште додаде дека здружената опозиција се подготвува и за локални и за парламентарни избори и оти е убеден во победата на изборите бидејќи, како што рече, „на народот му е доста од актуелната криминална власт“.