Опасните песни, Руси и Иванов


Ѓорѓи Спасов

Деновиве македонските медиуми се преплавени со приказните за трите „големи“ опасности што надвиснале на нашата напатена земјичка.

Првата опасност со која се соочуваме се две глупави песнички што ги напишал некој математичар кој слабо ги пресметал работите. Тој му ги дал своите шкработини на некој студент по стоматологија кој не пишува песни. Тој студент се појавил во улогата на автор на тие две песнички, во едицијата „Млади поети“ (од 15 до 29 години), во издание на владината Агенција за млади и спорт.

Бидејќи кај нас луѓето ниту читаат поезија ниту во некој медиум ќе видите објавена песна, и таа глупост ќе останеше веројатно незабележана да не беа медиумите кои масовно ги објавија токму тие две песнички и ни открија дека токму во нив се крие „опасна непријателска дејност“ со која „Владата како нивни издавач“ наводно го открива своето шовинистичко лице кон Албанците, го навредува женскиот род и ја загрозува родовата рамноправност.

Заседавала веднаш и Комисијата за заштита од дискриминација, за која никој немаше слушнато досега. Таа најостро го осудила овој потег на Агенцијата за млади и спорт и оценила дека песните содржат „вознемирувачка и дискриминаторска содржина“, односно во нив имало „дискриминација на етничка, верска и родова припадност“. Многубројни медиуми во земјата што ги објавуваат песничките и ги популаризираат пишуваат дека во нив е содржан говор на омраза и дискриминација и дека „во Македонија нема место за таков тип недолична комуникација“.

Професорот Авзи Мустафа за телевизијата „Алсат“ изјавува „овој скандал (со објавувањето на овие две песнички) ќе предизвика морална штета, која ќе стигне во многу библиотеки во земјава, како што се случи со Енциклопедијата и со книгите со навредлива содржина кон албанскиот народ“.

По силните обвинување и инсистирањето на одговорност за сторениот „злостор“ веќе е суспендирано едно лице од работа, се бара главата на директорот на Агенцијата за млади и спорт, донесена е одлука да се уништат (веројатно и спалат на клада) сите 5.000 примероци од збирката во која се објавени песни и на други 96 поети на возраст од 15 до 29 години, а штетата од спалувањето на опасните книги да ја платат оние што го направиле овој невиден пропуст. Можно е во оваа атмосфера на прогон да се бара и протерување на авторите на тие две песни од земјата. А, за што всушност се работи?

Двајца, според мене мајтапчии, кои никогаш не пишувале поезија, решиле да го изразат својот гнев од партиските вработувања и од „привилегираните Албанци“ – според нив во Македонија, преку пишување две сатирични песни и да пробаат да ги уфрлат во некаква збирка на млади поети што ќе ја издаде Агенцијата за млади и спорт. Бидејќи кај нас никој не чита поезија, тие песни се протнале во збирката и, за беља, некој „дежурен патриот“ ги забележал по нивното објавување.

Тој патриот се згрозил од тоа како Владата можела да дозволи еден така изразен вулгарен гнев кон „партиски вработена“ да се појави во издание финансирано од неа. Како можел некој да го смета за поезија следниов стих: „Велат дека ги ставила градите на чело на градоначалникот. Наместо згради тој да гради, ги зграби нејзините гради“. А, особено се згрозил од тоа како може некој Македонец да си дозволи да каже дека „се чувствува како цар опкружен со толку скиптари“ за кои претходно ќе каже дека се негови соседи со професии што почнуваат на буквата Ш, како шапкар, шумар, шинтер, швалер, шминкер, шансониер, штрајкбрехер и шмекер.

Оваа хиперсензибилност кон недоличен говор кој содржи елементи на омраза, иако станува збор за вид сатира, би била во ред да не постоеше интернетот, социјалните мрежи, да не беа навивачките групи, да не бевме сведоци на политички протести со многу повулгарни содржини на кои никогаш никој не реагираше. Ако се има малку поголема смисла за хумор и повисоко ниво на толеранција, тогаш објавените песни би се сметале само за малку поостра и повулгарна сатира. И ништо повеќе. Не би се палеле книгите во кои се содржани песните на останатите 96 млади поети од 15 до 29 години, само заради штетноста на овие две песни, кои и онака сите ги прочитавме и добија масовен публицитет.

Втората голема опасност со која не плашат деновиве е „руската одмазда кон Македонија“ поради протерување на нивен дипломат. И тоа ми се чини предимензионирано пред сѐ поради политичкиот фолклор од страна на мала група граѓани кои пред руската амбасада во Скопје „тресат глупости“ на општо задоволство од рускиот амбасадор кој тоа го смета за „изразување љубов кон Русија“. Ние во Русија, благодарение на нашето мудро раководство на чело со Ѓорге Иванов, имаме само еден дипломат. Русија во Македонија има сигурно околу 50-ина. Со протерувањето на еден дипломат од Македонија, ние сме го смалиле нивното дипломатско претставништво за 2 отсто. Ако тие соодветно реагираат на нашиот чин, имаат право да ја протераат само мачката од нашата амбасада во Москва. Ако решат да го протераат амбасадорот, тоа би било целосно прекинување на дипломатските односи и намалување на нашата дипломатска мисија во Москва за 100 отсто. А, тоа не е во согласност со Виенската конвенција. Оттука, треба да останеме спокојни. Пред да почне агресијата на НАТО врз Русија, не треба да ја очекуваме атомската бомба врз нашите глави што ја најави амбасадорот Шчербак.

И последниот проблем што не мачи, освен оној со разликите околу името, е непотпишувањето на Законот за јазици од страна на Иванов. Ако има политичка волја кај Владата, за мене и тоа не е проблем.

Клучното право што со тој Закон го добиваат Албанците во Македонија е да им се обраќаат на сите државни институции на својот јазик. Сѐ друго во тој Закон се фолклор и одредби како да се заштити токму тоа право. Ако постои политичка волја, и без стапувањето во сила на тој Закон, Владата може да објави дека од утре Албанците може да почнат да го користат тоа право, а дека јавната администрација ќе добие средства и кадри за негово остварување. За тоа не е потребен потпишан Закон.

Кога ќе почне да се применува тоа право, како што вели премиерот Заев, ќе стане јасно дека ниту Македонија станува двојазична ниту се федерализира ниту се загрозува со што било употребата на македонскиот јазик. Со практикување на тоа „последно право“ од Рамковниот договор ќе стане јасно дека станува бесмислено противењето на Иванов и дека не се случува ништо опасно и спротивно на Уставот во Македонија. Потребна е само волја и малку нестандардно размислување за сите убаво да си ги поминеме велигденските празници.