Обвинетите за „Насилство во Центар“ се изјаснија за невини
Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот на СЈО „Насилство во општина Центар“ со вкрстено испрашување на поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. Тој треба да одговара на прашања на адвокатите, а на претходните рочишта беше испрашуван од обвинителите на СЈО.
Обвинетите во овој случај, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица денеска пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи рече дека на минатото рочиште побарале притвор за еден од обвинетите, но тоа било одбиено од Судот со образложение дека донел лекарска потврда.
Од СЈО побарале проверка на боледувањето и после инспекцискиот надзор на Општата медицинска установа каде е издадена потврдата од Комисијата за стручен надзор од Лекарската комора е констатирано дека при издавањето на боледувањето на Милан Андоновски имало пропусти. Во боледувањето недостасувале стандардни лабораториски анализи.
Одбраната побара прекин на расправата и да им се достави ЦД од претходното рочиште, како и копии од СЈО за извештајот од Лекарската комисија.
На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.