Нови превирања во коалицијата на Меркел


Германската канцеларка Ангела Меркел денеска најави дека владејачката коалиција ќе го преиспита договорот со кој досегашниот шеф на безбедносната служба БФВ Ханс Георг Мазен беше сменет од функцијата и поставен подобро платена позиција во Министерството за внатрешни работи, јави новинската агенција ДПА.

Ова предизвика нови поделби во коалицијата на конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ со социјал-демократската партија СПД. Социјал-демократите бараа разрешување на Мазен поради неговите контакти со националистиката партија АФД, која наводно ја советувал како да избегне безбедносни постапки против неа, и на чии раководители им доставил документи на БФВ. Мазен исто така беше обвинет дека ги минимизирал нападите на германските националисти врз мигранти во градот Кемниц, по убиството на еден Германец од страна на двајца мигранти.

Баварската партија ЦСУ, чиј лидер Хорст Зехофер го држи ресорот внатрешни работи, застана во поддршка на Мазен. Зехофер сепак денеска најави дека и тој би прифатил преиспитување на коалицискиот договор според кој Мазен се повлече од функцијата, а остана вработен во Министерството.

– Ја загубивме довербата на јавноста наместо да ја придобиеме. Сите треба да застанеме и да го преиспитаме овој договор, му порача лидерката на СПД Андреа Налес на министерот Зехофер.

Овие две партии се во конфликт и околу мигрантското прашање, при што ЦСУ дојде блиску до напуштање на коалицијата поради нивниот план за изградба на кампови во Баварија каде би се држеле барателите на азил. ЦСУ се соочува со тешки регионални избори во Баварија, а во меѓувреме националистичката АФД ја претекна СПД во анкетите, и стана втората најголема партија во Германија.