Нова ера во Македонија
Eрол Ризаов
Македонија ја обезбеди својата европска иднина, Грција го заштити своето минато. Ова е главната рамка во која е сместена сликата на идните односи меѓу Грција и Македонија. Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев демонстрираа државничка храброст и подготвеност на саможртва да го разрешат повеќедеценискиот спор кој ја блокираше Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ, а Грција да биде лидер во регионот, клучен играч во евроатлантските интеграции на земјите од Западен Балкан. Премиерите Ципрас и Заев влегуваат во современата историја на двете земји и на Европа, како одговорни политичари кои покажаа дека можат со политичка волја, подготвеност на компромис да ги решат и најсложените повеќедецениски нерешливи спорови. Министрите за надворешни работи, Никос Коѕиас и Никола Димитров, со своите тимови макотрпно одработија голема работа за идните генерации. Ќе биде голема несреќа ако оваа значајна работа не заврши како што доликува на историскиот чин.
Се разбира, ништо не е готово додека не се заврши, но според веќе искажаните изјави тоа што е до преговарачите и до премиерите, најголемиот дел од работата е завршен. Но, не и најтешкиот. Следува соочување со разбирливите отпори, но и со злонамерните и тенденциозни обиди за минирање на договорот што треба да се донесе во парламентите на двете земји и да се одобри на референдум од граѓаните на Македонија. Значи, нема простор за еуфорија и за празнување, за зурли и за тапани.
Промената на името на државата не ги прави среќни граѓаните на Македонија, што е сосема разбирливо и нормално. Мора да се има предвид фактот дека голем број граѓани го прифаќаат овој чин со жалење, тага и револт, но и со олеснување само поради европската иднина и поради ветеното брзо членство во НАТО и догледното, за неколку години, членство на Македонија во Европската Унија. И тоа е сосема во ред да се мери што е подобро и што е од поголем интерес. Не е ни мала ни едноставна работа да се прифати ново име на држава по 74 години. Секоја навреда на ова чувство е голема грешка и грев бидејќи мора да се има на ум дека е направена отстапка не поради нечиј притисок, туку краставата жаба ќе се голтне за обезбедување побрз развој и подобар живот на поколенијата. Граѓаните на Македонија и на референдум ќе покажат мудрост дека ги одобруваат отстапките за да ја внесат Македонија таму каде што ѝ е одамна местото.
Големиот проблем е со злонамерните шовинистички и националистички квазипатриотски огнови кои повторно ги палат високи политички и државни функционери. Прв почна претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Тој веднаш се огласи со арогантна дикција, а до вчера тврдеше дека воопшто не е информиран. Не да доброи барем до три, испрати срамно избрзано и злонамерно соопштение до јавноста. Претседателот недолично им се обрати до граѓаните со интригантска и шпекулативна порака дека вакви значајни договори од национален интерес не се правеле по телефон. Им приопшти на своите 0,1 проценти од граѓаните, кои сѐ уште го подржуваат, дека не може да се помири со фактот што цели девет години од својот мандат ништо, ама баш ништо, не сработи да ги одблокира евроатлантските интеграции на Македонија ниту, пак, некаде помогна нешто да мрдне од мртва точка. Напротив, со својата анти-НАТО и антиевропска политика претседателот направи само штета.
Ѓорге Иванов го наруши угледот на државата и ја деградира институцијата претседател со неговиот однос кон осомничените високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ давајќи им аболиција и веднаш потоа таканаречена пишман аболиција. Последиците од тоа попречување на правдата Македонија ќе ги чувствува уште долги години. Претседателот Иванов на повеќепати го прекрши Уставот игнорирајќи го арогантно фактот дека парламентот двапати изгласал закон. Таквиот однос кон парламентарната поделба на власта го прави недоличен за функцијата што му е доверена од граѓаните, иако според многу индиции со броење на гласови под многу сомнителни околности. Претседателот Иванов не беше опфатен со истрагата околу крвопролевањето на 27 април лани, кога имаше обид за државен удар и за убиство на пратеници. Неговото одолговлекување со доделување на мандатот и одложување на конституирањето на Собранието имаше директно влијание во создавање на амбиент на линч. Прекршувањето на уставната одредба да не се додели мандатот на партиите кои го сочинуваат мнозинството е директен поттик за државен удар и крвопролевање. Тоа еден ден ќе мора да биде предмет на истрага.
На референдумот граѓаните ќе им покажат на сите противници на европските интеграции на Македонија каде им е местото.
Политичарите кои сакаат да учествуваат во историскиот процес на европеизација на Македонија сега, исто како и за осамостојувањето на државата, треба да ги повикаат граѓаните и своите следбеници да се определат за подобра и поизвесна иднина. Во Европската Унија националната, верската, културната посебност се сметаат за богатство и тие се негуваат и заштитуваат. Тоа станува сериозна обврска и на земјата членка, но и на ЕУ. Македонија со членството во НАТО и во ЕУ со новите сојузништва само ќе го зајакне својот национален идентитет, а културните достигнувања ќе бидат подостапни и за Европа и за светот.
Премиерот Зоран Заев подготвен на саможртва поради оваа негова цврста определба уште како лидер на опозицијата ѝ покажа на јавноста дека решенијата, колку и да се тешки и непопуларни, се подобри од оправдувањата зошто не се остварени стратегиските интереси на државата и на граѓаните. Заев е на добар пат да израсне во државник. Го урна режимот на Груевски по мирен пат и обезбеди европска иднина на Македонија со преговори. Ако оваа работа се заврши како што е на повидок, Зоран Заев си обезбеди место во современата историја на Македонија.