Нобелова за (не)мир


Марија Павлеска

Некои од вас можеби се сеќаваат на насловната страница на познатото списание „Национална географија“ од јуни оваа година. Илустрацијата беше прилично едноставна – пластична кеса чиј поголем дел е во вода, а еден од краевите е над вода и личи на санта мраз. Едноставниот наслов е „Планета или пластика?“ а во долниот лев агол пишува колку количество пластика годишно се исфрла во океаните. Оваа насловна страница побуди големо внимание насекаде низ светот и беше многу споделувана и дискутирана. Но бргу подоцна, почна да се споделува една друга фотографија. Списанието, за да биде доставено, беше спакувано не во една туку во две дополнителни пластични кеси. Кога така спакувано ви пристигнува дома или во канцеларија, имате две можности – да се воодушевите на генијалноста на дизајнот, да направите фотографија од списанието, па да ја споделите цитирајќи го Да Винчи со „едноставноста е врвна софистицираност“; или да си речете ова е тотален апсурд. Не може да имаш насловна (и цело истражување внатре во списанието) за штетноста на пластиката, а тоа списание да пристигнува целосно пластифицирано.
И додека некои зборуваат за пластиката од океаните, притоа зголемувајќи го купот, други од таа пластика изработуваат скулптури. Еден таков пример е Зоолошката градина во Сан Франциско каде што се изложуваат скулптури од отпад собран од плажите. Целта е посетителите од една страна да видат колку ѓубре создаваат, но и дека тоа може да се употреби за да се алармира за помало користење пластика, но и дека од употребени работи може да се креираат убави нешта.
Кај нас употребените кеси не се ставаат ни на насловни, ниту се изработува нешто од нив. Ние ги оставаме слободно да летаат во воздух. Па кои сме ние да им кажеме што да прават.
***
Во октомври 2015 година еден музеј во Италија се прослави по сите светски весници, но не за изложбата која била поставена, туку за она што се случило во музејот утрото потоа. Две уметници изложиле инсталација која се состоела од 300 празни шишиња од шампањско, конфети, догорчиња од цигари, диско топка… Утрото по отворањето на изложбата, кога тимот на хигиеничари стигнал до делот со инсталацијата, заклучил дека забавата по повод отворањето се одвивала токму во тој дел. Сигурно околу половина минута длабоко размислувале како некој кој таму изложува, а присутни биле и тие што го менаџираат музејот, може да направи таков хаос, но тимот веднаш се фатил за работа. Сето ѓубре најпрво го сортирале, па го спакувале во црни кеси за отпад. Она што за уметникот и посетителите требало да биде метафора за корумпирана политичка власт – за тимот хигиеничари изгледало само како остаток од луда забава, на која некој заминал без палто, а на друг му фали чевел. Благодарение на тоа што ѓубрето го сортирале, без притоа да уништат и најмал дел, инсталацијата била повторно поставена часови подоцна.
Мотивот на уметниците чија инсталација хигиеничарите ја исчистиле потекнувал од Италија во осумдесеттите години „период карактеризиран со консумеризам, хедонизам и забави кои траеле бескрајно на социјалистичките политичари“, објасниле од музејот. Тие додале дека делото на уметниците, судејќи по реакцијата на службата за чистење, изгледа доста современо и уверливо.
Овој концепт на политичарите од Италија (во осумдесеттите, па и денес) го применуваат и нашите политичари. Некои работи, мора да признаеме, се едноставно универзални.
Додека вие го читате овој текст, на неколку локации низ Скопје ќе се подготвуваат инсталации кои ќе бидат дел од целовечерниот настан насловен – „Бела ноќ“. Но, исто така, деновиве во едно бело утро, или поточно во 6 часот и 14 минути, сабота, во време на референдумски молк, Министерството за култура на својата веб-страница го објави Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година.
Зар толку не можевме да почекаме да дојде понеделник, па да се објави конкурсот?
Или па некому му се брза да го поднесе својот „убер“ културен проект? Министерството за култура и оваа година има определено средства за пријави на учесниците кои немаат искуство во областа на културата. Оваа година, за разлика од минатата кога се поделија милиони, проектите на неискусните ќе бидат поддржани со максимален износ до 100.000 денари.
Меѓутоа, кога нашиот уметник прифаќа да биде средство за пропаганда, наместо неговата уметност да послужи како алатка за дипломатија, тогаш никој не приговара зошто конкурсите за проекти во културата се објавуваат на ден пред референдум.
Хрватска пред да стане членка на Европската Унија креираше програма во која во период од три месеци во Париз се одржаа импозантен број изложби, претстави, филмски проекции и концерти на хрватски уметници. Целта била да се прикаже хрватската култура во најдобро светло, но најважното било дека Хрватска има култура која може да ја понуди.
Дали ние знаеме што имаме? Или можеби што немаме, па на тоа да почне да се работи? Не знам дали некој кај нас пишува драма „Што правевте на 30 септември 2018?“ или можеби трагикомедија насловена „Нобелова за немир“. Или дали некој ќе истражува како може да се добие номинација за нешто потпишано во јуни, кога крајниот рок за поднесување апликации е на 1 февруари.
Инспирирана од „демократ“ изгуглав „демократка“. Дигиталниот речник на македонскиот јазик ми напиша: „Бараниот збор не е пронајден“. А подолу стои: „Можеби баравте: демократски, демократ, демократија, демографија, демограф, демографски, демонтажа, демократизира, демократичен, демонстрант“.
Да речнику, баравме… и демократ и демократија и попис за да си ја средиме демографската карта. Затоа и со години демонстриравме. Или можеби и не?