Нит’ светица, нит’ курва


Анета Димовска

„Затоа што јас сум првата и последна, јас сум обожавана и презрена, јас сум курва и светица, јас сум сопруга и девица, јас сум мајка и ќерка…“

Вака започнува химната на Изида, египетската божица на плодноста и мајчинството, архетип на сопруга и мајка, чие име буквално значи жена на престол. Во митологијата, но и низ историјата престолот во фигуративна и во реална смисла речиси секогаш е резервиран за мажи, a од божественото единство на атрибути кои ја опишуваат жената во химната на Изида општествата низ историјата селективно ги слават само оние што денес создаваат маргинализирана група од половина светска популација. Секако, мислам на жените… Потврда?!

Овде нема да претставам бројки кои ќе докажат дека помалку жени има на државни функции, на извршни позиции во фирми, дека постои разлика во платите меѓу родовите и слични факти кои може, но не мора, да се резултат на родова дискриминација. Овде сакам да се потсетиме како општеството кое се нарекува современо и кое претендира на еднаквост на граѓаните ги перципира и третира жените. Пример, реакциите и коментарите на социјалните мрежи на светското првенство во фудбал за начинот на кој претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ ги бодреше хрватските фудбалери на трибините на стадионот во Сочи. Затоа што таа стана и буквално заигра од восхит во момент кога нејзините поведоа со 2:1 против Русија, интернетот се преполни со коментари како: „Му меша на Медведев…“ Веројатно, ако Медведев го направеше истото немаше да ѝ „меша“ на Колинда, туку реакциите ќе се: „Браво! Голем лидер, но и обичен човек кој искрено ја поддржува својата репрезентација“.

Овде сакам да се сетиме на нашите реакции (на реакциите на мажите, но и на жените) кога, на пример, во просторија на деловен состанок ќе се појави жена која изгледа добро. Погледите се непријатни и веќе во првата минута повеќетемина интимно изградиле потценувачки став за нејзината професионалност и знаење, дури и пред било што да каже на темата која е предмет на состанокот. Таа жена треба да вложи многу повеќе напор за да постигне ист резултат со нејзиниот колега кој зделките ги договара на пијачка со друг таков маж, во разговор кој најчесто завршува со тоа како некоја имала добар задник.

Дали по она што е толку очигледно треба да веруваме во еднаков третман на општеството кон различните родови?!

На хартија македонскиот Закон за еднакви можности на жените и на мажите (кој веројатно е препишан од некои меѓународни регулативи) предвидува еднакви можности по достоинство и право. Но декларативната заложба во регулативата не е доказ за тоа дека нашето општеството еволуирало до степен реално да обезбеди рамноправност за мажите и жените.

Ако реалноста ја погледнеме без диоптрија, ќе дојдеме до следните заклучоци:

Мажите и жените физички се многу различни, а разлики меѓу нив има и зад она што окото може да го види: во начинот на обработка на информации, хемијата, структурата и активноста на мозокот. Покрај разликите во физичките предиспозиции и резултати кои можат да ги постигнат, мажите и жените различно реагираат во одредени состојби (на пример, при стрес). Жените, за разлика од мажите, внесуваат и апсорбираат повеќе сензорни и емотивни информации, чувствуваат многу повеќе од она што се случува околу нив, почесто размислуваат за емоционалните спомени и имаат тенденција да користат повеќе зборови кога разговараат или опишуваат податок, приказна, личност, објект, чувство или место. Заради разликите во функционирање на мозокот жените се одлични во едновремено извршување на повеќе различни задачи, додека мажите се истакнуваат во проекти кои се фокусирани на конкретна задача.

Ниту еден начин на вршење на работите не е подобар или полош, а сите разлики имаат предности и недостатоци. Суштината е во тоа што од разликите меѓу мажите и жените произлегуваат и нивните различни способности и афинитети при избор на професија и други активности. Значи, ние не сме еднакви и оттаму, не треба да се инсистира на еднаквост, туку на рамноправност.

Инсистирањето на еднаквост меѓу половите и самото постоење на регулатива која навидум е основа за еднаквост, само „го става под тепих“ суштинскиот проблем чие решавање можеби би довело до рамноправност на жената во современото општество.

Овој проблем е очигледен, а крајно табуизиран и за него сите молчиме. Она што го „оставаме под тепих“ се општествените родови норми кои во основа се наметнати заради неразбирањето на женската сексуалност и практичната вкоренетост во општеството на комплексот на „светица и курва“.

Имено, мажите од мали се учат дека треба да бидат асертивни, агресивни и сексуални, а жените се „чувари“ на моралот како светици кои се речиси со асексуална моќ и кои треба го држат мажот под контрола. Со овој комплекс Зигмунд Фројд ја објаснува анксиозноста која мажите ја чувствуваат кон сексуалноста на жените. Така, светицата е сексуално супримирана жена, онаа која е „вредна“ да биде партнерка на мажот, а често истата ќе стане сексуално непривлечна за него затоа што ќе ја доживува како мајчинска фигура. Курва во оваа смисла е жената која е отворено сексуална и која ќе биде предмет на неговите сексуални желби, а со која тој нема да може да воспостави однос. Интересно е што и жените ги прифаќаат вака доделените улоги, секако повеќето од нив сакајќи да ја играат општествено прифатливата улогата на светица, прикривајќи ја сопствената сексуалност. Играјќи ја таа улога, повеќето жени, како и мажите, со одвратност гледаат на сè што може да се поврзе со женската сексуалност.

Затоа жената од почетоков на текстот ќе биде „каменувана“ и „спалена на клада“ уште пред да проговори (само затоа што можеби има ставено црвен кармин или носи високи потпетици), наместо да ѝ се даде шанса да ги покаже знаењето, подготвеноста и професионалноста, па потоа да се извлекуваат заклучоци за неа. Во вакви општествени услови ниту може да се зборува за меритократија каде врз основа на интелигенција, морал и специфични знаења луѓето (мажите и жените) ќе напредуваат, ниту за граѓанска рамноправност и слобода. Не може да стане збор за еднаквост по достоинство бидејќи тивко, премолчено жените секојдневно се казнувани заради својата сексуалност. Така, денес општествено поприфатливи се хомосексуалноста, бисексуалноста, сексуалноста на лица чие чувство на личен идентитет и пол не се совпаѓа со оној со кој се родени (трансексуалци) и сл., отколку женската сексуалност онаква женска – ниту на светица, ниту на курва, или и на двете.

Оваа состојба не може да се промени со никаква регулатива, туку со цивилизациски скок. Можеби прв чекор е да го извадиме проблемот од „под тепих“ и за него отворено да зборуваме. Да прифатиме дека жените се човечки суштества и во општеството треба да им се дозволи да бидат она што се и да им се овозможи да станат се што можат да бидат, без да се осудуваат (подеднакво од мажите и жените). Општеството мора да созрее до степен кога комплетно исполнетиот живот на жената нема да го третира како нешто од што таа треба да се срами и да ѝ овозможи подеднакво да ги ужива улогите на „вработена“, „домаќинка“, „мајка“, „сопруга“, „светица и курва“, бидејќи сите овие делови ја прават жена.

На крај, во духот на претходно изнесеното со жалење ќе констатирам дека денес во нашево „современо“ општество ако овој текст го потпишеше маж ќе имаше поголема тежина, но го потпишува жена, онаква нит’ светица, нит’ курва… или и едното и другото.

И ќе завршам со божественото единство на атрибути кои ја опишуваат жената во крајот од Химната на Изида:

„…затоа што јас сум онаа што донесува на свет и што никогаш не раѓала, јас сум човекот кој ме создаде, јас сум мајката на својот татко.

Почитувајте ме секогаш, сите, затоа што јас сум скандалозна и величествена“.

П.С. „Браво Колинда! Голем лидер, но и обична жена која искрено ја поддржува својата репрезентација.“