Неуверлива недоверба


Александра М. Митевска

Пролонгирањето за два дена на донесувањето на реформските закони, веројатно, е единствениот ефект што го постигна ВМРО-ДПМНЕ со прашањето за доверба во Владата. Колку и да изгледа парадоксално, другите ефекти, главно, се во корист на владејачкото мнозинство, кое како да не се препотуваше вчера многу во собраниската сала слушајќи ги опозициските критики.

На премиерот и на министрите, веројатно, не им беше тешко да поднесат таква жртва и да проголтаат неколку горчливи кнедли кога знаат дека тоа им носи троен бенефит: враќање на опозицијата во парламентот, добивање поддршка од неа за системските закони и гратис од 90 дена, во кои Владата нема да биде обременета со можност да биде ставена на тест на доверба. И тоа во период кога од неа се очекуваат покрупни потези за надминување на спорот за името и во насока на интеграциските процеси.

Вчерашната седница за интерпелацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе против Владата, всушност, покажа дека е полесно да се браниш по 10 години поминати во опозиција отколку да напаѓаш по една деценија владеење. Млаката и неуверлива критика што новата опозиција ја испорача на адреса на десетмесечната влада исто така покажа дека не е едноставно да се вратиш во форма по само десет месеци опозиционерство, од кои половина си ги поминал надвор од парламентот. Можеби тоа беше причината што во текот на вчерашниот ден опозициската редица во парламентот речиси цело време беше полупразна.

И покрај моментно кревкото и променливо собраниско мнозинство, и респектибилната бројка на опозициски пратеници, оваа седница за (не)доверба на Владата можеби ќе остане запишана како една од најбенигните во хронологијата на интерпелации во македонскиот парламентаризам. Единствената неизвесност во текот на вчерашниот ден беше дали за недоверба на владата ќе гласаат 41, 43 или можеби 45 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, пак, беше сосема извесно дека, колку и да гласаат „за“ или „против“, Владата не само што нема да падне, туку и нема да биде посериозно разнишана.

Иако ВМРО-ДПМНЕ најавуваше враќање на голема врата со интерпелацијата, впечаток е дека нејзиниот камбек ќе беше поуверлив ако признаеше дека го прекинува бојкотот во име на дијалогот што со месеци го водеше со владејачкиот СДСМ, како и во име на конструктивноста и забрзувањето на евроатлантските процеси на државата. Зашто вака испаѓа дека опозицијата која вчера се обидуваше да ја делегитимира Владата денеска ќе ги легитимира законите што истата таа Влада ги подготви (прифаќајќи серија опозициски забелешки) – и тоа во ресорите за кои ВМРО-ДПМНЕ во интерпелацијата напиша дека се партизирани и дека применуваат политички реваншизам и притисоци. И не дека нема простор за политички напад врз кабинетот на Заев, независно од стажот на оваа владејачка постава. Во изминатите месеци, извршната власт имаше одредени успеси во некои сфери, но и промашувања кои наидоа на критика во јавноста, па и од нејзините поддржувачи во опозициските денови.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ требаше да покаже повеќе чувство за политичкиот амбиент и моментот во кој реши да ја стави Владата на тест на доверба. Можеби требаше некој да му каже на Мицкоски дека не е најумесно да поднесува интерпелација непосредно по неколкумесечни преговарања и договарања со власта. И во ситуација кога во политичкиот етер сѐ уште се слуша ехото од „бомбите“ што одекнуваа од „Бихаќска“, затоа што не се санирани сѐ уште сите последици од политичката криза која беснееше во периодот на претходната власт.

Можеби требаше некој да го посоветува Мицкоски дека пред да реши да поднесе интерпелација може да почека Европската комисија да го објави извештајот за земјава и да поминат јунското заседание на Европскиот совет и јулскиот самит на НАТО во Брисел. После тоа, веројатно, ќе имаше поголем простор за критика на Владата и таа веројатно ќе беше сфатена посериозно од јавноста. Вака остана впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ, во обид да го оправда своето враќање во парламентот избрза со покренувањето на прашањето за доверба на Владата. Така, опозициската партија, всушност, самата се стави во ситуација да биде напаѓана за нејзиното поведение во претходните десет години, наместо таа да напаѓа.