Необразованите најмногу меѓу невработените
Над 102 илјади невработени лица чекаат вработување во Македонија. И покрај тоа што стапката на невработеност континуирано се намалува во последните десетина години и достигна историски најниски 22,1 отсто, статистиката на Агенцијата за вработување покажува дека има голем број лица кои тешко можат да најдат работа.
Податоците на берзата на труд покажуваат дека најголем дел од невработените во Македонија се без образование или само со основно образование или вкупно 44.259 лица, од нив со непотполно средно се вкупно 14.359 лица. Невработени лица со завршено средно образование се вкупно 29.007, а со завршено високо 11.914 лица. На списокот на невработени има и 868 лица со завршена магистратура, како и 34 невработени доктори на науки.
Бизнисмените веќе подолго време алармираат за лошата структура на пазарот на труд во Македонија. Бараат да се направи преглед на тоа какви кадри произведува македонскиот образовен систем и што му е потребно на бизнисот, потоа да се направи дообука на работниците.
Според Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи, Агенцијата за вработување треба да воведе механизми што ќе помогнат да се исфилтрира точно бројот на невработени што бараат работа и да почне да се работи со нив во интерес на потребите на бизнисот. Тој вели дека овие бројки не се реални, односно дека има и злоупотреби.
– Во овие над 100 илјади невработени лица има многу што не се повеќе во земјата и бенефитите од нивното пријавување во Агенцијата за вработување, пред сѐ бесплатното здравство, ги користат нивните роднини. Има и многу што работат во сивата економија, но се пријавуваат во Агенцијата за вработување исто така поради здравственото осигурување. Затоа Агенцијата треба да воведе механизми кои треба да помогнат да се исфилтрира точно бројот на невработени и да почне да се работи со нив според потребите на пазарот на труд – смета Бошков.
Иако според статистиката на Агенцијата за вработување голем дел од невработените во Македонија воопшто немаат никакви квалификации, односно се без образование, странските инвеститори што работат во земјата велат дека нема квалитетна работна сила бидејќи младите завршуваат факултети, но знаењето не можат да го применат во практика согласно потребите на бизнисот во земјата.
– Образованието во Македонија со години не се приспособува, а тоа, пак, продуцира медиокритети и луѓе што не се подготвени на ризици, без стратегиски визии и без став кои ќе им бидат визиите – смета Аврам Стојчевски, претседател на Асоцијација за автомобилската индустрија, која е дел од Советот на странски инвеститори на Македонија. Ставот на Советот на странски инвестиции веќе подолго време е дека невработените лица кои долго време бараат работа треба да си го надградат образованието според побарувачката, пред сѐ на странските инвеститори кои се најголеми работодавачи во Македонија.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, на неодамнешната средба со претставниците од Советот на странски инвеститори истакна дека во Македонија има суфицит на кадри што се непотребни, а дефицит на кадри што требаат.
– Да распишеш конкурс за менаџери, ќе се чека ред од тука до Центар, затоа што сите завршуваат менаџмент. Ние младите ги носиме на мост кој се вика надеж, а не им кажуваме дека на крајот има провалија – порача на средбата вицепремиерот Анѓушев.
Најбарани продавачи, келнери и таксисти
Според податоците на Агенцијата за вработување, во моментов на берзата на работна сила има 4.444 слободни работни места. Најмногу се бараат продавачи, келнери и таксисти. Во Агенцијата во моментов преку објавени огласи за вработување се бараат 670 продавачи, 317 келнери, 312 таксисти и 295 шивачи.
Најголема побарувачка на работници има во трговијата, а најмногу работници се бараат да се вработат во Скопје, или вкупно 4.176, по што следуваат Струмица и Битола.
Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи смета дека овие бројки не можат да се земат во целост како точни бидејќи има компании што објавуваат огласи за вработување кои се задолжителни според законот за работни позиции кои се веќе пополнети.
– Дел од работодавачите објавуваат огласи за вработување затоа што се во потрага по квалитетен кадар, но голем е бројот на оние што прават злоупотреби. Објавуваат огласи за лица што веќе се вработени во компанијата – потенцира Бошков.
Статистиката на Агенцијата за вработување исто така покажува дека се зголемува бројот на склучени договори за вработување годинава.
Односно за 11 месеци во земјата се склучени вкупно 169.898 договори за вработување од кои 99.635 биле договори на определено време и сезонски работници, додека пак 70.263 од склучените договори за работа биле на неопределено време.
Александра Спасевска