„Независен“ истражува: Скопје се бетонира, сите се вадат на ДУП и ГУП


Урбанистичкото лудило, хаотично наредените станбени згради, узурпирањето и бетонирањето на зеленилото, заедно со барокно-стиропорните фасади во центарот на градот – се тажната слика на Скопје во последните десетина години. Скопјани веќе не ги препознаваат маалата во кои се родиле, особено центарот на градот кој доживеа најголемо обезличување со проектот „Скопје 2014“. Штетите се големи, а впечаток на јавноста е дека урбаната мафија не запира, и покрај ветувањата на новите власти дека ќе му стават крај на ваквиот тренд.

Кај Старата железничка станица веќе се градат дваесеткатници и хотели, а кај некогашниот Скопски саем ќе никне „Ист гејт“ на 152.000 квадратни метри. Кај „Холидеј ин“ нема да се градат стокатници, но сепак ќе се изградат висококатници. Во Аеродром многу маркички за објекти се нацртани практично на зеленило, како таа кај „Мајчин дом“, а во Карпош на ред е бетонирање на зелениот појас покрај „Илинденска“. Според анализите на невладините организации, во некои делови од Скопје градењето беше толку мегаломанско што за година две ќе нема веќе слободен простор за градење не само за станбени згради туку и за јавни објекти, во Дебар Маало. Прашањето е – ќе има ли крај на урбанистичкото лудило во Скопје?

 

Каде згреши Скопје?

Генералниот урбанистички план на Скопје, кој е донесен во 2012 година и ќе важи до 2022 година, е лош и е еден од главните виновници за хаосот во урбанистичкото планирање на главниот град, смета професорот на Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев. Според него, и да се идеално приспособени деталните урбанистички планови на ГУП, повторно ќе прават штета во уредувањето на просторот бидејќи самиот тој е донесен врз основа на стари и неверодостојни податоци и, практично, не нуди вистински проекции како и во кој правец треба да се развива Скопје.

„Бидејќи немавме попис, кога беше работен Генералниот план немаше свежи податоци врз основа на кои ќе се темелат проекциите, па се користеа податоците од 2001 година. Тоа значи дека документот од старт е направен со податоци стари една деценија, која беше неверојатно турбулентна, од аспект на миграции, иселувања, доселувања… Така, на пример, во 2012 година ГУП предвидуваше Дебар Маало и Буњаковец до 2022 година да достигнат до 12.000 жители, а уште тогаш оваа пренаселена населба имаше 18.000 жители“, вели Грчев.

Тој посочува дека планирањето и градењето пред четири децении биле многу подобри отколку сега.

„Кога велиме дека во изработката на деталните планови беа пробивани сите параметри на ГУП, како максимизирањето на изградената површина и зголемувањето на катноста, треба да се знае дека и самиот тој ги пробива речиси сите тие параметри“, вели Грчев оценувајќи дека тоа е основата за урбанистичкиот хаос во земјата.

„Еден од најзначајните предуслови за урбанистичкиот хаос и за мегаломанското градење беше и укинувањето на локалниот данок за употреба на градежно земјиште или градската рента, значаен приход за општините што ја плаќаа сите жители. Општините, на кои им беа доделени надлежности со кои тешко излегуваа на крај, станаа финансиски зависни од наплатата на комуналиите од идните инвеститори. Така, ако не се гради, нема ниту опстанок за општините. Тоа е погубно и неодржливо решение што мора да се смени“, вели Грчев.

 

Неусогласени планови

Градот Скопје ги започна подготовките за изработка на новиот Генерален урбанистички план кој ќе важи од 2022 до 2032 година. Одговорноста на локалната власт е огромна бидејќи од овој документ ќе зависи во кој правец ќе се развива Скопје, односно дали ќе добие шанса од бетонска џунгла да се претвори во пристојно место за живеење.

„Новиот ГУП ќе црпи податоци од пописот на населението што ќе се спроведе во 2020 година. Во моментов течат дел од подготовките за овој обемен документ, поточно деловите што можат да се проектираат преку статистичките податоци кои ни се достапни“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

Иако новиот ГУП е на прагот, сепак во многу општини има детални планови кои воопшто не се усогласени ниту со постојниот, кој е на изминување. Во Општината Центар, на пример, дури 31 детален урбанистички план не се усогласени со Генералниот план од 2012 година, открила новата локална власт. Најурбаната општина во главниот град беше обезличена со проектот „Скопје 2014“, кој освен што додаде мегаломански зданија, наменети пред сè за државните институции, изгради контроверзни споменици, го промени и изгледот на десетици станбени згради во строгиот центар и ги облече во барок. Деталните планови мораа да држат чекор со градителските апетити на тогашната власт, па јавноста во многу случаи се сомневаше во неправилности во нивното донесување.

За 29 од овие планови, во Центар сè уште важи мораториумот, кој во декември 2017 година го прогласи новиот градоначалник Саша Богдановиќ. На овие планови сè уште им се врши ревизија и доработка. Само еден е веќе ревидиран и усвоен од Советот на Општината. Тоа е ДУП Градска четврт Ј07, локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара. ДУП И03, локалитет Мирче Мацан, ги има поминато сите фази на ревизијата и ќе биде пред советниците на некоја од следните седници.

Градоначалникот Богдановиќ вели дека мораториумот ќе биде во сила до крајот на април. Целта е плановите да поминат процес на доработка, усогласување со ГУП, јавна анкета и јавна презентација, па потоа се најдат пред Советот. Богдановиќ вели дека една од целите им е зголемување на процентот на зеленило, на сметка на урбанизираниот квадрат.

„Сакаме да ги исправиме урбанистичките грешки направени од минатите раководства. Тенденцијата ни е зголемувањето на зеленилото и зелените површини секаде каде што тоа е изводливо. Во изработката на новите детални урбанистички планови јасна е и тенденцијата за овозможување на похумано движење и живеење на граѓаните. Станбените објекти во изработката на новите ДУП не добиваат предност пред зеленилото и јавните објекти. Ова е видливо веќе од првиот ревидиран и донесен план, ДУП Градска четврт Ј07, каде што максимално е искористен слободниот простор за нови зелени површини. Воедно, се води сметка и за намалување на погрешните работи предвидени со минатите ДУП, како стокатници, шпански скали итн. Додека трае мораториумот, Општината не издава нови одобренија за градба и не наплаќа комуналии“, вели Богдановиќ.

Тој објаснува дека за потребите на проектот „Скопје 2014“ повеќе планови во минатото биле донесувани на криминален и таинствен начин, со разни притисоци и најчесто во доцните вечерни часови. Една од заложбите е враќањето на јавноста како на стручната така и на пошироката, особено на жителите на локалитетите кои се предмет на планот, во постапката на урбанистичкото планирање.

 

Нови паркови место бетонските зданија

Со завршувањето на ревизијата и донесувањето на новите детални урбанистички планови, Богдановиќ смета дека ќе се воведе ред во изградбата на нови објекти на подрачјето на Општината и воедно слободниот простор ќе се хуманизира и ќе се искористи максимално за воведување нови зелени површини. Повеќе зеленило на сметка на бетонски зданија за своите жители посакуваат и првите луѓе на Карпош и Аеродром, Стефан Богоев и Златко Марин.

Карпош треба да се развива плански и рамномерно, а особено по периферните делови, смета градоначалникот Стефан Богоев. Оваа општина во последните години, заедно со Аеродром, Кисела Вода и Центар, го трпи најголемиот притисок на непланската урбанизација. Изградбата на нови станбени објекти не го одмина урбаното јадро на населбите во Карпош, а го нападна и кејот на Вардар, особено на потегот од салата „Борис Трајковски“ кон Карпош 4.

Заради тоа, вели Богоев, една од целите на која локалната власт цврсто опстојува и работи е заживување на делови од општината кои, за сметка на пренатрупаноста на урбаното јадро, останаа запоставени и неразвиени. Тоа се потегот околу Бардовци, Злокуќани, Жданец, Трнодол и делот околу касарната „Илинден“.

„Веќе донесовме еден нов Детален урбанистички план, токму за делот околу касарната Илинден (ДУП за ССИ 03 Блок 4). Периферниот развој на Карпош ќе овозможи инфраструктурно да се поврзат и заживеат голем број населби во Карпош кои во минатото биле целосно заборавени и напуштени. Во изминативе години главниот фокус беше ставен на урбаното јадро, со што неплански се изградија голем број објекти. Сега е нужно урбанизацијата од централните делови на Карпош да се пренасочи кон периферијата“, вели Богоев.

Тој вели дека во изминатите години дел од деталните урбанистички планови биле донесени на незаконски начин, со повреди во постапката и процедурата.

„Во повеќе наврати одлуката за неспроведување стратегиска оцена за влијанието на животна средина не била објавена на огласна табла и на веб-страницата на Општина Карпош. Исто така, загрозена била и транспарентноста при нивното донесување, при што седниците на Совет биле закажувани непосредно пред поголеми празници, со цел да се намали интересот на јавноста.

За да исправиме дел од тие незаконски работи, ние ги поткрепивме со конкретни докази сите граѓански иницијативи пред Уставниот суд, каде што беа оспорени повеќе детални урбанистички планови, за главните пропусти во постапката на нивно донесување. Како резултат на овие докази, Уставниот суд укина дел од обжалените урбанистички планови, за потегот околу Тафталиџе 1, Влае 2, Карпош 4 и Карпош 3“, објаснува Богоев.

Градоначалникот нагласува дека сите детални урбанистички планови на Карпош, кои се донесени по 2012 година, по носењето на новиот ГУП се усогласени со него. Сепак, посочува има ДУП што датираат од поодамна и тие при следни измени и дополнувања ќе бидат усогласени со последниот ГУП.

Узурпацијата на зелените површини на сметка на изградба на нови станбени објекти е практика која во последната деценија беше особено присутна во Општината Аеродром. Новите ДУП, кои се подготвуваат сега, вели градоначалникот Златко Марин, ќе имаат повеќе зеленило. Се работи и на ДУП во неурбанизираните делови на општината, за да се намали притисокот во урбаното јадро.

„Во последните осум години се изградија повеќе од 100 згради во Општината благодарение на претходното раководство. За жал, речиси е невозможно да го спречиме градењето на донесените ДУП и на оние што уредно имаат право на градба, како да речеме градбите во Стар Аеродром. Она што го ветувам и ќе го реализирам, е дека новите ДУП ќе бидат пред сè во интерес на граѓаните и на животната средина. Моја заложба е сите идни планови да бидат со многу повеќе зелени површини, дури и повеќе од предвидените 30 отсто во Законот за просторно и урбанистичко планирање“, вели Марин.

Иако е свесен дека еден од главните начини на финансирање на локалните самоуправи е преку наплата на комуналии, смета дека мора да се води сметка за квалитетот на живеење. Затоа, Општината ќе изгради три парка во Стар Аеродром, со вкупна површина од околу 9.000 квадратни метри. Изградба на нов парк со површина од 2.500 квадрати е планирана и меѓу зградите покрај булеварот „Трета македонска бригада“, а нов парк ќе добие и населбата Мичурин.

„За подобро регулирање на урбанистичкото планирање и исправање на грешките во минатото, сметам дека прво е потребна промена на законите и Владата работи во оваа насока. Обезбедувањето поголем процент на зеленило при урбанистичкото планирање веќе е регулирано со закон. Дополнително, треба да се ревидираат сите спорни регулативи кои во моментот го ограничуваат менувањето на ДУП. Така, на пример, согласно Правилникот за стандарди и нормативи во урбанистичкото планирање, донесен во 2015 година, кога со еден урбанистички план ќе се одредат димензиите на една градба или градежна маркичка, со наредните планови тие не можат да се намалуваат туку само да останат исти или да се зголемуваат. Значи, прво законите се проблем и тука Владата подготвува решенија кои суштински ќе го решаваат проблемот“, вели Марин.

Профитот пред граѓаните
Платформата „ЗДРАВЈЕТО ПРЕД ПРОФИТОТ“  објави неодамна анализата на ДУП-от наспроти ГУП-от за локацијата кај „Холидеј Ин“ заклучувајќи дека густината на домување на таа локација двојно ги надминува најгустите делови на Мумбаи и Хонг Конг.
Има многу аспекти кои се проблематични во врска со Деталниот урбанистички план за градската четврт спроти „Холидеј Ин“, кој во моментот е стопиран со мораториумот од Општина Центар. Според ГУП-от на овој простор треба да се вдомат 1.250 жители , на  вкупна површина од 40.625 м2 на  сите нивоа за домување и објектите да се градат максимум до седум ката.  Со деталниот план, тврди платформата, 8,8 пати се надминуваат параметрите на ГУП-от во однос на површина за домување и во однос на бројот на жители. Дозволената густина со ГУП-от е и самата доста висока – 805 жители на хектар, но со ДУП-от се предвидуваат 2.400 жители на хектар (или 240.000 жители на км2), густина каква што не постои ни во најнехуманите делови на Хонг Конг и Мумбаи.
Во анализата пак на невладината „Реактор“ за Буњаковец и за Дебар Маало стои дека можностите за градење во тие две населби се речиси исцрпени, а штетите непоправливи, што најмногу се гледа од уништеното зеленило. Така, според анализата, во моментов во овие две населби има 13,9 отсто зелени површини, но кога ќе биде реализиран актуелниот детален урбанистички план во 2020 година ќе има само 4,5 отсто, наспроти 21,60 отсто во 1991 година!

 

 Сања Наумовска

Фото: Борис Грданоски