Недела на современ фински филм, селектира Бојан Вулетиќ
Кинотека на Македонија од 24 до 29 април ќе прикажува современи фински филмови, а селектор на истите е српскиот режисер Бојан Вулетиќ.
Ќе бидат прикажани шест филмови, пет играни и еден документарев, кои меѓусебно се разликуваат по теми и по форма. Претставуваат пресек на финската кинематографија во последниве две години, односно оној нејзин дел кој досега немавме можност да го гледаме на редовните кинорепертоари или на домашните фестивали.
Како што ги опишува селекторот Вулетиќ овој негов избор на филмови ќе ни даде можност да откриеме еден дел од Европа кој само далува далечен, скреин и студен, но во суштина е многу близок, исполнет со топлина, бидејќи потребата од љубов, пријателство, семејство, вистина, правда и храброст е универзална.
„Возбудливи играни филмови, разични по жанр, од семејни драми до трилери и модерни вестерни во снег и мраз, кои се занимаваат со комплицирани семејни односи, обработуваат различни современи теми: од потребата за слободна љубов, предвременото созревање и недораснати родители, до убивање домашни миленици, одмазди и пријателства. Покрај играните, имаме и еден документарен филм, кој го следи осудениот воен злосторник од поранешна Југославија кој, за да продоложи со животот, мора да се сретне со своите жртви“, опишува Вулетиќ за селекцијата на Недела на современиот фински филм.
Целата програма по редослед на проекции:
24 април (вторник), 20.00 ч.
Свечено отворање
МАЛО КРИЛО
(Tyttö nimeltä Varpu / Little Wing)
Игран филм, Финска / Данска
2016, 98 мин., колор, блуреј
Режија: Селма Вилхунен (Selma Vilhunen)
Сценарио: Слема Вилхунен (Selma Vilhunen)
Улоги: Линеа Ског, Паула Весала, Лаури Маијала, Анти Лусуанимеи, Нина Силанпа (Linnea Skog, Paula Vesala, Lauri Maijala, Antti Luusuaniemi, Niina Sillanpää)
МАЛО КРИЛО е приказна за дванаестгодишната Варпа која брзо минува низ детството и уште побрзо созрева бидејќи нејзината мајка е таа што не сака да порасне. Нејзината мајка делува незрело, не сака да прифати одговорности и е несигурна во она што го сака и избира. Не може ниту возачки испит да положи. Варпа, за разлика од неа, е похрабра, се соочува и ги надминува предизвиците во животот, но на нејзините пријатели им е јасно дека нешто дома не е во ред. Кога еден ден ќе и дојде преку глава таквиот однос, Варпа ќе реши да го украде мајчиниот автомобил и да отпатува далеку на Север, во потрага по својот татко. Но, нејзиниот татко не е онаков каков што таа го замислувала. Средбата со него ќе ја натера малата Варпа да го преиспита својот однос со мајка си, и да сфати каква улога таа има во нејзиниот живот.
Селма Вилхунен е сценаристка и режисерка на документарни и играни филмови, номинирана за наградата на Европската филмска акдемија, како и за Оскар за најдобар краток филм во 2014 година за „За се ли морам јас да се грижам?“. Студирала режија во Турку, Финска, и е ко-соновач на продуценската куќа „Туфи филмс“. МАЛО КРИЛО е нејзин трет игран филм, иако има богата филмографија со кратки и документарни проекти.
25 април (среда), 20.00 ч.
УСПИВАЧОТ
(Armomurhaaja / Euthanizer)
Игран филм, Финска
2017, 83 мин., колор, блуреј
Режија: Тeму Ники (Teemu Nikki)
Сценарио: Тeму Ники (Teemu Nikki)
Улоги: Матти Онисма, Јари Вирман, Ханамаија Никандер, Хејки Ноусиајнен, Пихла Пентинен (Matti Onnismaa, Jari Virman, Hannamaija Nikander, Heikki Nousiainen, Pihla Penttinen)
Веијо еутанизира домашни миленици, но тоа го работи на „црно“, без дозвола. Кучињата ги убива со куршум, во шума, а мачките и помалите миленици ги задушува со издувни гасови во стар, прилагоден за тоа, автомобил. Има многу работа, бидејќи своите услуги ги наплатува помалку од лоланите ветеринари. Тој ќе се запознае со медицинската сестра Лота, која работи во болницата во која е сместен таткото му. Додека Веијо сака неговиот татко да страда колку што може повеќе пред да почине, на Лота и се допаѓа неговиот мрачен и силен карактер. Веијо ги сака и разбира домашните миленици, многу повеќе отколку нивните соптвеници, и кон животните е сочувствителен и нежен, а кон луѓето – директен и одмаздувачки насторен.
Петри ќе побара од Веијо да го ослободи од својот пес, но овој, по толку ладнокрвно изведени „успивања“, најпосле се сожалува врз својата жртва и ќе реши да го задржи песот, наместо да го отепа. Токму тој пес, кој треба да е мртов, а не жив, понатаму е причина за кавга, убиство, љубов, преиспитувања на сопствените принципи.
Тему Ники, кој долги години режира филмови за деца, реклами и музички видеа, го напиша, монтира и режира овој филм. Потекнува од село, син е на фармер, и е самоук режисер. Неговите филмови жанровски се разновидни, но биле наградувани на фестивалите во Санденс, Сиетл, Кан (за млади таленти), Темпере, Токио, а УСПИВАЧОТ ја доби и финската награда „Јуси“ за најдобар филм оваа година.
26 април (четврток), 20.00 ч.
НЕПРОСТЕНО
(The Unforgiven)
Документарен филм, Финска / Данска
2017, 75 мин., колор, блуреј
Режија: Ларс Фелдбале Питерсен (Lars Feldballe Petersen)
Сценарио: Ларс Фелдбале Питерсен (Lars Feldballe Petersen)
Улоги: Есад Ланџо, Суљо Ланџо, Севда Ланџо, Петко Грубаќ, Здравко Додриќ (Esad Landžo, Suljo Landžo, Sevda Landžo, Petko Grubač, Zdravko Dodrić)
Отфрлен од сопственото семејство, од средината во која живеел и од својата земја, Есад Ланџо, попознат како Зенга, поминал многу години зад решетките заради злосторствата што ги сторил за време на југословенската војна во Босна и Херцеговина. По отслужувањето на казната, само финските власти му дадоа дозвола за престој и тука тој се обидува да продолжи со нормален живот. Дали е воопшто возможно на еден воен злосторник да му биде простено и истиот тој да се соочи со минатото? Како некој да продолжи со „нормален“ живот ако е осуден за еден од најлошите воени злосторства – злосторство против човештвото? Есад Ланџо со години бара одговори на овие прашања, но безуспешно. На крајот, ќе се реши за уште еден, последен чекор.
Ларс Фелдбале Петерсен е дански документарист кој има режирано два наградувани филма – „Битка со хемикалиите“ (2008) и „Мојот среќен живот како зеленчук“ (2013). Веќе 25 години режира и продуцира, а меѓу позначајните наслови од неговите проекти спаѓаат и „Преминувајќи ја линијата“, „Невините жртвти“, „Крвави дијамнати“, „И по измачувањето“ , „Жена како мене“ и др.
27 април (петок), 20.00 ч.
ЗАКОНОТ НА ЗЕМЈАТА
(Armoton maa / Law of the Land)
Игран филм, Финска / Норвешка
2017, 98 мин., колор, блуреј
Режија: Јуси Хилтунен (Jussi Hiltunen)
Сценарио: Јуси Хилтунен (Jussi Hiltunen)
Улоги: Виле Виртанен, Анти Холма, Мико Нојвонен, Аути Меенпе, Пернила Аугуст (Ville Virtanen, Antti Holma, Mikko Neuvonen, Outi Mäenpää, Pernila August)
ЗАКОНОТ НА ЗЕМАЈТА е современ вестерн чие дејствие се одвива на финско-шведската граница, далеку на север, во речиси поларни услови и пејсажи. Локалниот полициски службеник, кој веќе е пред пензија, дознава дека неговиот вонбрачен син е пуштен од затвор, но и дека момчето веќе им се вратило на старите навики. Имено, со своите другари ги тероризира жителите на едно мало гратче. Како последна задача која ќе ја изврши како полицаец, тој се обидува да ги стави работите под контрола, но новонастанатата ситуација го приморува да се соочи со минатото и таму да ги бара причините за овој конфликт кој му е наметнат токму сега, пред пензионирањето.
Јуси Хилтунен е од северниот дел на Финска. Студирал на Универзитетот во Кеми-Торнио. Неговиот краток филм „Духовден“ (2012) беше премиерно прикажан на Берлинскиот фестивал, а потоа беше избран за најдобар краток филм за 2012 година во Финска. По исто така кусометражните „Патот на криминалот“ (2010), „Наследство“ (2015) и „Зимско срце“ (2016),, „Законот на земјата“ е негово долгометражно деби.
28 април (сабота), 20.00 ч.
ЅВЕЗДЕНИ МОМЧИЊА
(Kaiken se kestää / Star Boys)
Игран филм, Финска / Шведска
2017, 82 мин., колор, блуреј
Режија: Виса Коисо-Кантила (Visa Koiso-Kanttila)
Сценарио: Виса Коисо-Кантила (Visa Koiso-Kanttila)
Улоги: Пихла Витала, Анти Лусуанијеми, Вили Сарела, Мала Малмивара, Тми Енбуско Олави Ангерво (Pihla Viitala, Antti Luusuaniemi, Vili Saarela, Malla Malmivaara, Tomi Enbuska, Olavi Angervo)
Што се случува кога сексуалната револуција пристигнува во едно мало гратче на северт на Финска, во средина што е конзервативна, побожна и наивна пред надоаѓачките предизвици на урбаното живеење? И како неизбежните промени изгледаат во очите на децата и тинејџерите? Главните јунаци на „Ѕвездени момчиња“ стануваат сведоци на новостекнатата сексуална слобода на своите родители кои сакаат убаво да живеат. Новите потреби и начини на однесување, но и моралните стеги, се закануваат да ги растурат семејствата и кај децата предизвикуваат конфузија. Младите момчиња мораат да пораснат на изнуден и необичен начин, покрај родители преокупирани сами со себе и изгубени во своите желби, мечти и очекувања.
Виса Коисо-Кантила е еден од најпознатите документаристи во Финска и Скандинавија. Неговите документарни филмови „Смисолот на постоењето“, „Татко и син“, „Портрет на еден човек“, „Последен ден“, „Активист“ и „Прогонетиот“ имаат освоено многу награди на националните и меѓународните фестивали. „Ѕвездени момчиња“ е негов прв игран филм.
29 април (недела), 20.00 ч.
ЗЕМЈА НА ЧУДАТА
(Joulumaa / Wonderland)
Игран филм, Финска
2017, 90 мин., колор, блуреј
Режија: Инари Ниеми (Inari Niemi)
Сценарио: Инари Ниеми (Inari Niemi)
Улоги: Милка Алрот, Мари Ранцила, Еро Ритала, Ана Павилајнен, Марти Суосало (Milka Ahlroth, Mari Rantsila, Eero Ritala, Anna Paavilainen, Martti Suosalo)
Сопругот на Хелена си заминал, и тоа со помлада жена. За да не се чувствува осамено, таа и другарка ѝ Ули ќе решат да заминат на една фарма, надвор од градот, за да ги поминат божиќните празници на традиционален начин. Престојот на органската фарма, со која раководат Туре и Уна, е единствениот аранжман што можат да си го дозволат и кадешто се уште има празни места. Туре и Уна пак, се мачат да ја одржат фармата, финансиски да опстојат, но и да живеат по одредени еколошки стандарди и во тој дух да ја воспитуваат својата мала ќеркичка. Уште еден гостин пристигнува, Оива, кој ќе успее да го вознемири и онака кревкото срце на Хелена.
Во малата група луеѓето почнуваат да се поврзуваат на сосем непредвидлив начин – и за самите нив, а и за наративот на овој филм за соништата и реалноста.
Инами Ниеми студирала на хелсиншкиот Метрополиа универзитет со 2010. Има работено на неколку кратки играни филмови, а „Робин“, првиот долгометражен документарен филм што го режира е за финската тинејџерска поп-ѕвезда Робин Паккален. Потоа, во 2014, го режира своето играно деби „Во лето“. „Земја на чудата“ е нејзин втор игран филм.