На Скопје му се случи екогеноцид


Огромното бетонско чудовиште што се гради на раскрсницата кај „Скопјанка“, на местото на детското игралиште и локалниот парк, е последниот атак на едвај преостанатата зелена површина во овој дел од Аеродром, кој некогаш важеше за зелена населба. Меѓу новите стотина згради што се изградија во овој реон едвај има понекој квадратен метар зеленило со заштитна ограда, толку мало што може да се прогласи за загрозена појава. Неодамна градоначалникот Петре Шилегов, исто така, објави дека останал само еден нечепнат простор од проектот „Скопје 2014“ во градскиот центар на кој место зграда може да се насади зеленило. Покрај него, дрвја и зеленило отсега ќе мора да се садат на покриви, тераси и во саксии бидејќи градскиот простор е максимално узурпиран од бетонот и мермерот. Затоа, најавата на градоначалникот дека ќе го зазеленува Скопје преку терасата на Градскиот трговски центар наиде и на одобрување, но и на негодување, бидејќи заличи на обид да се понуди привидно решение за нешто што е реален проблем на Скопје последните години.

„Независен весник“ ја истражуваше состојбата со зеленилото во Скопје во моментов, каква била пред десетина години и што се прави да се надомести штетата од десетгодишното урбанистичко лудило.

 

Зелениот катастар попиша 100.000 дрвја и грмушки

 

За да се проценат штетите од сечењето на дрвјата и уништувањето на зеленилото, Град Скопје и УНДП веќе трета година работат на првиот Зелен катастар на градот. Во изминатиов период е извршено снимање на 650 хектари зелени површини и на 100.000 дрвја и грмушки на булеварите и во градските паркови, а останува да се направи истото по општините и во приватните дворови. Се бележи типот на секое дрво, дали е зимзелено или листопадно, колкава е неговата големина, старост, моментална состојба, дали е загрозено или не и слично. Иако Македонија не успева да си ги преброи жителите, градот е на добар пат да ги преброи грмушките, по што ќе понуди решение како наредните години да се достигне европскиот просек, т.е. градот да има 25 квадратни метри зеленило по глава на жител?! Со оглед на тоа дека не се знае бројот на жителите, а не е ни завршено снимањето на зеленилото во надлежност на општините, сè уште не може да се каже ни вкупната површина на зеленилото ни вкупниот број на садници на целата територија на градот ниту, пак, со точност може да се каже која општина во градот Скопје е најзелена или, подобро кажано, најмалку зелена.

 

Зелениот катастар како идеја е промовиран многу одамна, а како обврска е регулиран со Законот за урбано зеленило. Студенти, шумарски инженери, биолози одеа низ градот со софтверска алатка, а таргет им беа дрвја на одредени локации, вклучително и парк-шумата Водно, Градскиот парк, Паркот на франкофонијата и паркот „Жена борец“, како и некои линиски булеварски дрвореди. Катастарот сè уште е во изработка, а треба да се обезбедат средства за да биде постојано ажуриран од страна на Град Скопје и „Паркови и зеленило“ и за да може соодветно да се дејствува и да се видат придобивките од него.

 

„Вообичаено се сечат дрвја затоа што се стари и можат да претставуваат опасност по безбедноста на граѓаните. Не велам дека со проектот ‘Скопје 2014’ не се исекоа многу дрвја, иако нема конкретен податок за тоа, но сега се садат многу во парковите, по булеварите и во блоковски реони“, вели Кристина Бужаровска, шумарски инженер и попишувач, која ангажирана на проектот за изработка на Зелениот катастар.

 

„Се попишуваше секое дрво со повеќе атрибути, висина, развиеност на крошна, вид и слично, а тоа може да даде податоци за тоа колку кислород произведува, колку јаглерод диоксид прочистува, а што ќе го имаат предвид општините кои имаат одредена површина што треба да ја менаџираат“, вели Владимир Стојановски, магистер по шумска политика.

 

Нема попис, па не се знае ни колку дрвја има на жител 

 

„Дека зеленилото е многу важно во урбани средини знаат сите, но и покрај тоа постојано е на удар од градежништвото, затоа што урбанистите и инвеститорите сакаат да симплифицираат и го немаат развиениот ум на еден екологист. Тие го гледаат објектот, сакаат да го изградат, да го наплатат и да си одат“, вели Ана Петровска од Министерството за животна средина.

 

„Жално е што луѓе кои, исто како нас, го дишат овој воздух и се грижат дали е загаден или не, од друга страна немаат разбирање за зачувување на зеленото богатство. Новиот Закон за урбано зеленило предвидува 25 квадратни метри зеленило по жител, а последните проценки беа дека има само 12,5 квадратни метри. Кога ќе се заврши катастарот, ќе знаеме подобро“, вели Петровска.

 

Според невладините организации и граѓанските здруженија поборници за здрава животна средина, Зелениот катастар е одличен потег, но задоцнет. Велат повеќето држави веќе имаат Зелен катастар, а ние дури сега го подготвуваме.

 

„Со него ќе се констатира каква е состојба со зеленилото во градот и тоа ќе овозможи да се подобри грижата околу него. Проблемот е што градот, поради дивата урбанизација, лошите политики и поголемата грижа за профитите на поединци наместо за интересите на граѓаните, загуби толку многу зеленило што мислам дека катастарот не може да го оправи, туку само ќе го констатира размерот на поразот на сите нас, кои сметаме дека здрав живот може да има само во средини во кои има и здрава животна средина“, вели Јане Димески од еколошкото здржениве „Гринбокс“.

 

Зеленилото страда

 

Билогот Кирил Арсовски-Пржо смета дека е бесмислено да се носат мерки за намалување на загаденоста, ако паралелно со тоа се оштетуваат, деградираат или намалуваат зелените површини место да се зголемуваат. Во населбите каде што има паркови или парк-шуми загаденоста на воздухот е за два до трипати помала од другите делови на градот, укажува тој. Зелените растенија служат како простран филтер што квалитативно го чисти воздухот од гасови и аеросолни честички, ги регулира надворешната температура, влажноста, ги намалува климатските промени и има уште една функција – што повеќе зеленило место поплочени површини, толку помалку проблеми со атмосферската канализација и влевањето во Вардар.

 

Според официјалните податоци на ЈП „Паркови и зеленило“, Скопје има 4.131.352 квадратни метри зелена површина, односно 12,7 квадрати по жител доколку се пресметува според последниот национален попис од 2002 година, без Водно и вонградското зеленило. Тоа е премалку за урбана средина што постојано се развива, се гради, се дообликува и се менува и е далеку од европскиот просек и од препораките за 25 квадратни метри по жител. Во Дебар Маало и во Буњаковец, според проценките на невладината организација „Реактор“, тој процент до 2020 година ќе падне на 4,4 отсто, ако се земе предвид актуелната состојба и проектите според ДУП. За споредба, во 1990 година процентот на зеленилото во истите населби бил над 21 отсто, а во 2012 година 13,8 отсто, наспроти некои европски градови во кои зеленило има и до 40 отсто!

Уште пострашно, според други проценки во Малиот ринг, т.е. централното градско подрачје, во 2013 година имало за половина помалку дрвја отколку десет години претходно, што слободно може да се нарече екогеноцид во Центар. Друг проблем е исто така што се сечеа стари и развиени дрвја, приспособени на градската клима, а се садеа јапонски вишни, палми и какви сè не егзотични скапи дрвја што не фрлаат сенка ни колку чадор за сонце.

 

„Скопје имама 170 вида дрвја, што е одличен биодиверзитетот, но можеби тоа не е толку добро ако се знаат нивните карактеристики, дали се инавазивни и слично. Дадовме предлог во иднина да се садат дрвја по локација, но и тогаш да се внимава бидејќи, на пример, јасен и платан се садат по булевари затоа што произведуваат најмногу кислород и прочистуваат најмногу јаглерод диоксид, но од друга страна немаат место да се развиваат“, вели магистер Владимир Стојановски.

 

Мал ринг изгубил 185 дрвја за четири години

 

Ако се следат состојбите со дрвниот фонд во периодот 2002-2013 година, воочливо е масовното сечење на дрворедите и дрвјата во парковите покрај реката Вардар, како и на Плоштадот „Македонија“, пред Домот на АРМ и покрај објектот на главната пошта. Во истиот период се засадени нови дрвја само на улиците „Орце Николов“, „Максим Горки“ и вдолж улицата „Македонија“. Во април 2013 година беа исечени 33 дрвја – речиси цела една шума – кај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Споредбата на дрвниот фонд во тој период, од 2013 па до 2017 година, покажува дека само за четири години централниот дел на градот изгубил дури 185 дрвја! Генерално, на просторот на Мал ринг во 2013 година имало 1.646 дрвја, за во 2017 година таа бројка да се намали на 1.461 дрво. Притоа, треба да се има предвид дека како поминуваат годините така има помалку што да се сече.

Иако има огромни разлики во степенот на раззеленетост на европските градови, Скопје сепак е на дното. Најзелени, притоа, се западноевропските градови со над 40 отсто зеленило, потоа доаѓаат источноевропските со 15 отсто, а најсиви се балканските со помалку од 10 отсто зеленило. Се смета дека зеленило од 25 квадратни метри по жител овозможува здраво и хумано живеење, поради што тоа било проекцијата и за Скопје во Генералниот урбанистички план од 2002 година, која градот никогаш не бил ни блиску да ја оствари. Од денешна перспектива, прашање е дали е точна и проценката за 12,17 квадратни метри зеленило по жител во градот бидејќи е заснована на пописот од 2002 година, а е направена во 2011 година. Како и да е, градската управа се надева во 2020 година зеленилото да се зголеми на 18,5 квадратни метри, што сепак е далеку од посакуваните и планираните 25 квадратни метри по жител, според новиот Закон за урбано зеленило. Таа одредба од законот треба да се одрази на сите идни генерални урбанистички планови, заедно со законската обврска на секоја парцела да има задолжително зеленило од 10 до 30 проценти, во зависност од намената и локацијата. Уште подалеку е од реалната состојба, ако се имаат предвид анализите за зеленилото во Дебар Маало. Самиот градоначалник Петре Шилегов неодамна оцени дека Скопје сега има 40 отсто помалку зеленило по глава на жител, не од најзелените европски градови, туку од европскиот просек!

Нов парк зад Луна парк

 

Вториот дел од Градски парк, на потегот од Луна паркот до хотелот „Александар палас“, ќе биде целосно партерно и хортикултурно уреден. Овој дел на Градскиот парк не е уредуван 70 години.

Наскоро ќе почне и партерно и хортикултурно уредување на просторот зад Македонска филхармонија за што ќе бидат потрошени седум милиони денари. Се планира засадување на шеесетина нови дрвја и уредување на 8.000 квадратни метри со зеленило. Од Општина Карпош, исто така, најавија нов адреналински парк кој ќе почне да се гради од овој месец по должината на реката Вардар, од вештачката карпа до бунарите на реката Лепенец.

Овие паркови се дел од 43 површини што се планира да бидат уредени во градот.

 

Граѓанските здруженија поразени од бизнисот

 

Последен случај кога граѓаните се кренаа во одбрана на зеленилото беше кога почна изградбата на гасовод низ Водно. Претставниците на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ сметаа дека здравјето на луѓето е поважно од профитот, но иако лежеа пред багерите, сечата на дрвја на Водно продолжи бидејќи беше најевтино токму таму да поминува гасоводот.

 

Претходно, во 2013 година, „Паркобраните“ не успеаја да спасат 18 дрвја на потегот кај хотел „Бристол“, кои беа исечени во 3 часот по полноќ со асистенција на полиција и специјалци. Исечени беа и тополите во Капиштец, дрвјата на булеварот „Климент Охридски“, багремите на „Илинденска“, дрвјата околу зградата монструм „Настел“, во Аеродром кај „Мајчин дом“ и многу други што ги вознемирија граѓаните.

 

Во Чаир, исто така во 2013 година, беа издадени 17 маркички за изградба на згради на место на паркови. Граѓанска иницијатива од Чаир собра 600 потписи и поднесе барање за мораториум на сите градежни активности во Општината, по што тогашниот градоначалникот Изет Меџити објави дека поништува 12 од 17 маркички. Општината притоа изгуби 5 милиони евра, но зачува 12 парка.

 

Во Карпош, „Плоштад слобода“ се обиде да стопира бетонирање на парк, но не успеа бидејќи два дена по протестот паркот беше бетониран.

 

Дел од зеленило во центарот на Скопје, на местото пред Домот на АРМ каде што се изгради црквата „Св. Константин и Елена“, беше исечено исто така. И покрај протестите за да се смени ДУП, црквата беше изградена, а место за зеленило речиси и нема. Листата на вакви екогеноциди и натаму се пополнува…(Б.Б)