На Ердоган му треба и македонскиот глас за да стане „султан“


Да ги придобие гласачите во Македонија, бидејќи изборната трка во Турција ќе биде неизвесна, да го спречи влијанието на ѓуленистите во регионот, како и да го засили своето влијание на Балканот. Ова, според познавачите, се трите најважни причини што го натераа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да најави отворање претставништво на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) во нашата земја, покрај други големи центри во светот.

Партиите на етничките Турци во земјава не стравуваат за својот рејтинг сметајќи дека потегот на официјална Анкара е исклучиво само за потребите на претседателските избори во Турција закажани за 2019 година. Тие избори ќе бидат клучни за иднината на 80-милионската земја, која со децении чека пред вратите на Европската Унија бидејќи оттогаш почнуваат да важат уставните промени изгласани лани, со кои претседателот добива одлучувачка моќ да менува и назначува министри, а функцијата премиер се укинува. Уставната реформа, меѓу другото, ќе му дозволи на претседателот и директно да интервенира во судството преку именување на судиите. Измените наидоа на голем отпор во европските земји, како и кај турската опозиција и граѓанскиот сектор, кои организираа низа протести.

Иако во овој момент се чини дека позицијата на Ердоган е неприкосновена, прогнозите велат дека ќе има крајно неизвесна трка и затоа нему му е важен секој глас. Тој гледа дека ја губи почвата под нозете во Турција, па ќе отвора центри во повеќе земји, каде што има значително турско малцинство, студенти од Турција, бизнисмени, воени лица, роднински поврзани лица… Вообичаено, на турските избори гласаат околу четири илјади турски државјани што живеат во Македонија, и со добра пропаганда и реклама таа бројка може да нарасне за уште толку, па на крајот ќе дојдеме до бројка што не е за занемарување ни во голема земја како Турција“, брифираат влијателни припадници на турската заедница во земјава што инсистираат на анонимност, со објаснување дека не сакаат да се замеруваат со актуелната власт во Анкара.

Пред неколку дена вториот човек на АКП, Мехди Екер, изјави дека е сосема нормално турската владејачка партија да отвора свои претставништва надвор од земјата бидејќи нејзината визија не е насочена само кон турската внатрешна политика. Според него, АКП ќе отвори политички претставништва во САД, Велика Британија, Русија,Германија, Франција, БиХ и во Македонија.

Партијата на правдата и развојот има визија за светот, за хуманоста и за цивилизацијата. Затоа сосема е нормално ваква партија да има претставништва во светски најважните центри како партиски контакт-места“, изјави Екер додавајќи дека отворањето на овие канцеларии било побарано лично од претседателот Ердоган.

Новинарот Љупчо Поповски вели дека оваа најава на партијата на Ердоган наликува на отворањето на задграничките претставништва на ВМРО-ДПМНЕ.

Но планот на Ердоган е многу поголем. Преку овие политички претставништва, владејачката партија во Турција сака да ја извезува својата ‘револуција’ во Европа и во Америка. Според законите во секоја земја, ниедна странска партија не може да отвори своја подружница во одредена држава, но може да се искористат други облици за дејствување. Движењето на Фетула Ѓулен тоа го направи во Македонија со весник, образовни институции и компании. Нивниот простор овде сега е драстично лимитиран и оваа празнина сака да ја пополни партијата на Ердоган и на свој начин да влијае врз политичките и економските текови во земјата. Се знае дека идеологијата на партијата на Ердоган има многу приврзаници во Македонија меѓу припадниците на муслиманската заедница, подеднакво и меѓу Турците и меѓу Албанците. Отворањето на политичкото претставништво на АКП е сериозна работа за Македонија, затоа што во една мало и фрагментирано општество, кое е уставно секуларно, може да биде клинот со кој властите од Турција ќе се обидат да ја шират својата визија на умерениот ислам кој треба да ги опфаќа сите сфери на општеството“, анализира Поповски.

Според него, изненадувачки изгледа што во најавите на потпретседателот на партијата за ширењето на АКП ги нема земјите од арапскиот свет. Тоа, потенцира тој, покажува дека климата за ваквиот турски продор во нивните општества е непријателска, па Ердоган се обидува својата идеологија да ја прошири прво кон поранешните европски територии на Отоманската Империја, а потоа во земјите во ЕУ каде што има голем број турски иселеници.

Во основа, ова ќе биде обид да се пенетрира во македонската политичка сцена и да се оствари влијание онолку колку што е можно. Обидот со Беса (нејзиниот лидер доби специјално признание од турскиот премиер непосредно пред локалните избори) очигледно не ги даде резултатите што ги очекуваа некои кругови во Анкара, па сега влијанието треба да се прошири кон други правци“, заклучува Поповски.

И Ердоган Сарач, кој е претседател на Движењето за национално единство на Турците во Македонија, смета дека влијанието на ѓуленистите во земјава го натерало Ердоган да ја вметне и нашата земја во листата за отворање претставништва на АКП.

Не може да стане збор за конкуренција на партиите со турски предзнак во Македонија, затоа што законите не дозволуваат отворање филијала на странска партија. Претставништвата ќе бидат отворени пред сѐ поради бизнисмените и сонародниците што живеат во странство. Конкретно во Македонија, ќе се организира противтежа на приврзаниците и влијанието на Фетула Ѓулен бидејќи нашата земја и Косово станаа собиралиште за нив. Сакаат да им го намалат влијанието во бизнисите и во политиката, а да го зајакнат своето. Да потсетиме дека турските државјани можат да гласаат секаде низ светот каде што има конзуларни претставништва, а значаен е и бројот на пратеници од дијаспората во турскиот парламент“, ни изјави Сараќ.

Ова ќе биде прво вакво претставништво на странска политичка партија во Македонија, нешто што не е вообичаено воопшто во европската политичка практика. Партијата на Ердоган во моментов има две свои претставништва: едно во Брисел и второто во турскиот дел на Северен Кипар.

Горан Адамовски