Могерини: Договор за името ќе мора да биде земен предвид во ЕУ
Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, на прес конференцијата по советот на министри на ЕУ денеска, на прашање на МИА за отпорот на одредени земји-членки за старт на преговори со Македонија, одговори дека ќе биде многу тешко за нив да игнорираат толкава светска вест.
– Бев брифирана од македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи за напредокот во преговори за името, многу е охрабрувачки и ветувачки, но сѐ уште не е финализирано. Јас сум оптимист и уште пооптимист кога станува збор за Балканот. Да одиме чекор по чекор. Ја изразивме нашата јасна намера да го придружиме, помогнеме и поддржиме евентуалниот договор во наредните денови или недели. ЕУ ќе биде таму целиот пат да го придружи договорот кога ќе биде постигнат и најавен, истакна Могерини.
Ова, посочи, ќе има трансформативен ефект не само на односите помеѓу земјите, туку на целиот регион, и на Европа, но и на глобално ниво.
– Спорот за името постои одамна, создаваше компликации со години, и ако силното политичко лидерство со посредство на ОН и силно инволвирање на ЕУ може да донесе договорен резултат на вака тешка тема, тоа ќе биде инспирација и за други и ќе биде доказ дека мултилатералниот пристап е тој во кој треба да се инвестира. Сето ова треба да биде препознаено од Европскиот совет. Да потсетам дека Европската комисија веќе препорача старт на преговори врз основа на заслуга во реформите, што е суштината и да потсетам дека преговорите се само почеток на еден процес, рече Могерини.
Моќта на добрата вест што ќе ја донесе решение за името ќе биде толку силно поздравена од меѓународната заедница и ЕУ што сите земји ќе мораат ова да го земат предвид, одговори Могерини на прашањето за отпорот на Франција кон стартот за преговори со Македонија.