Министерот Димитров во име на Македонија се извини за случајот Ел Масри
Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров официјално се извини во името на Македонија за случајот со германскиот државјанин со либанско потекло Калед ел-Масри, за незаконското апсење во 2004 година во Скопје, кој беше држен во изолација, а потоа и предаден на ЦИА, во рамки на тајната програма на американската агенција за предавање и мачење, која беше усвоена по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.
Во писмото од 28 март оваа година, Димитров изразува “искрено извинување и безрезервно жалење” за она што го опиша како “несоодветно однесување на нашите власти”, соопшти Фондацијата отворено општество во вторникот.
Ел-Масри веќе еднаш ја победи Македонија, 2012-та во европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде беше донесена пресуда дека било нелегално постапувано со него и за тоа државата му плати 60 илјади евра отштета.
Министерот Димитров му пишал на Масри дека во име на државата и жали и се извинува поради „несоодветното однесување на нашите власти“. Во писмото, Димитров навел и дека како резултат на постапките на државата, Масри претрпел” неизмерно болно искуство и крајно сериозни физички и психолошки повреди “.
Извинувањето на Македонија го поздравија меѓународната иницијатива за правда и американското здружение за граѓански слободи кои го затапуваат Масри пред американските судови. Тие велат дека ова е само прв чекор во откривањето на целата приказна за Масри и за нелегалните операции на ЦИА.
По нападите на 11-ти септември 2001-ва, американската ЦИА почна широка операција за откривање на терористи низ целиот свет. Поради замена на идентитет, Масри беше соомничен и фатен во Табановце во новогодишната ноќ 2003-та. Бил чуван во скопски хотел кај зоолошката градина и предаден на ЦИА истиот месец, по што бил однесен во Авганистан.
Ел-Масри тврдеше дека бил заробен во Македонија како дел од програмата на ЦИА и бил жртва на “невообичаено испорачување” на ЦИА. Тој ја посочи Македонија како одговорна за ова тешко искушение.
Откако ниту со мачење ниту со испрашување не било потврдено дека тој навистина е терорист, Масри е донесен во Албанија и пуштен. Македонија е првата земја која изгуби случај за ваквите акции на ЦИА.