Мини-кравите се хит во светот: Малку јадат, а даваат многу млеко
Обичните говеда тежат повеќе од 450 килограми, бараат големи површини пасишта и можат да јадат повеќе од еден тон дополнителна храна годишно. Ова се причините зошто минијатурниот добиток сѐ повеќе се бара.
Мини-кравите тежат 200-300 килограми, доволно им е половина хектар пасишта и една третина дополнителна храна. Она што е особено важно – даваат 50% до 75% повеќе млеко во споредба со обичните крави, пишува порталот „Агроклуб“.
„Ова се ефикасни мали крави“, вели Хедер Фабрицио која има фарма во Мисури. Таа и нејзиниот сопруг беа изненадени од млечноста на овие крави.
Мини-кравите се многу едноставни и не им е потребни посебна опрема ниту, пак, ограда. Тие се високи од 100 до 120 сантиметри.
Инаку оваа раса на говеда уште се нарекува џерси. Таа дава голема количина млеко (од 3.500 до 5.000 литри во лактација), а се карактеризира и со висок процент на млечни масти (4,7 – 6,3 проценти). Од друга страна, квалитетот на месото е лош.
Многумина додаваат дека ова не се само домашни животни, туку слатки, мали домашни миленици.
Сепак, нивната цена не е мала. Во САД е неопходно да се одвојат дополнителни 1.000 долари за едно животно, во споредба со обичните крави. Ова значи дека цените се движат од 3.000 до 15.000 долари.