Милан Кучан: Европската Унија не е подготвена за ширење


„Процесот на ширење на Европската Унија, без дилеми, зависи од способноста на кандидатите да ги исполнат сложените услови за членство. Нозависи и од способноста на ЕУ да се отвори за нови членки. Би било чесно тоа на кандидатите отворено да им се каже“, вели поранешниот словенечки претседател Милан Кучан, кој овие денови е во посета на Македонија.

Според него, процесот на ширење е паралелен процес по кој ЕУ во иднина треба многу повеќе да се ангажира во оспособување на земјите кандидати, а потоа објективно да ги оцени. Нејзината попустливост во минатото создаде внатрешни проблеми, поради што сега мора доследно да постапи, без притоа стравот од ширење на исламот или на Русија да не биде алиби за повлекување од принципите. Кучан смета дека ширењето на ЕУ кој југоистокот на Европа е неминовност и прашање на време е кога ќе се реализира бидејќи за тој процес постојат низа политички, геополитички, економски, културни, цивилизациско идентитетски и безбедносно-одбранбени причини.

„Но постои уште една причина, за која ретко се зборува, а е една од најважните: улогата, односно влијанието на Европа во светот. По повеќе од половина милениум, во кој Европа имаше доминантно влијание на развојот на светската цивилизација, денеска во современиот мултиполарен свет таа сѐ повеќе е потисната на маргините од меѓународните процеси. Неинтегрирана, нецелосна, во некоја рака кршлива не може да биде релевантен фактор во современата меѓународна заедница. Сѐ повеќе значајни одлуки се носат со нејзин занемарлив придонес или дури и надвор од нејзиното влијание“, анализира Кучан.

Тој потсетува дека исполнувањето услови за членство во ЕУ е голема мотивација за кандидатите, додека одложувањето на приемот предизвикува недоверба, па дури и скептицизам и сомнеж во оправданоста на одлуката за влез.

„Но, од друга страна, треба да се постави и прашање за способноста на ЕУ за прием на нови членки. Уверен сум дека ЕУ, таква каква што е, соочена со своите внатрешни проблеми, противречности, концептуални и структурни недоречености, не е подготвена за ширење. Пред сѐ, постојат две причини. Во периодот на големото проширување со 10 нови членки, сите од некогашниот политички исток на Европа, меѓу нив и Словенија, ЕУ го прокламираше принципот на ширење покрај истовременото продлабочување на внатрешните јазови. До ширењето дојде бидејќи по распадот на блоковските поделби, постоеше силен политички притисок, како и силно изразен економски интерес поради зголемување на пазарот. Но не дојде до јакнење на внатрешните односи. На референдумот во Холандија и во Франција пропадна уставниот проект на ЕУ. Втората е во неспособноста да се прифатат предизвиците што донесоа промени во светот, пред сѐ глобализацијата и мултиполарноста. Со своите ригидни структури, начинот на формирање клучни институции, процесите на одлучување и нискиот степен на интегрираност, ЕУ не беше во состојба да одговори на тие предизвици“, нагласува една од повидните политички фигури во поранешна Југославија.

Тој го нотира етичкиот легимитет како прв проблем. Падот на вредностите, пред сѐ на солидарноста, придонесоа да се постави прашањето: кој е тој темелен интерес на некоја држава да влезе во ЕУ и одговара оти само материјалниот и финансискиот не е доволен интеграциски мост меѓу народите, посочувајќи го примерот на Југославија. Другиот проблем е прагматизмот, кој станува доминантен во одлучувањето на европските институции, а третиот кадровското конституирање на европските институции.

„Европските функционери доаѓаат од земји членки на ЕУ. Избирани се во националните политички консталации и својата политичка иднина ја гледаат речиси исклучиво низ националната призма. Поради етичкиот дефицит и прагматизам, очигледно недостигаат државници, кои беа способни својата национална политичка судбина да ја врзат за успех со европскиот политички проект“, заклучува Кучан.

Милан Кучан (77) беше гостин на Меѓународната научна конференција за европските интеграции „Европа и Балканот“, која се одржи вчера во Скопје, во организација на „Американ колеџ“. Кучан во 1986 година стана водач на Сојузот на комунисти на Словенија. Набргу потоа почна да ја одвојува партијата од државата, а ги подржуваше политичкиот плурализам, човечките, малцинските и националните права. Беше во остри конфронтации со Слободан Милошевиќ. Во 1990 година беше избран за претседател на Претседателството на Словенија. Активно учествуваше во подготовките за референдум на самостојноста на Словенија, кој се одржа во декември 1990 година. Познат е по својата политика за мирно преговарање. По стекнувањето независност на Словенија, избран е за претседател како независен кандидат, но со поддршка на некогашниот Сојуз на комунисти. И во 1997 година победува како независен кандидат. Се повлекува во 2002 година, а на негово место доаѓа Јанез Дрновшек.

Горан Адамовски