Македонија одигра нерешено со Азербејџан
Македонската фудбалска репрезентација денеска одигра нерешено 1:1 (1:1) против Азербејџан на „Мардан арена“ во Белек.
Азербејџан поведе во петтата минута по досуден пенал, кој го реализираше Ричард Алмеида.
Во 20. минута беше досуден и пенал за Македонија. Горан Пандев беше фаулиран во шеснаесетникот, а тоа го потврди и ВАР системот.
Александар Трајковски беше сигурен реализатор за израмнување на 1:1, резултат со кој се замина на полувремето.
Во второто полувреме Македонија имаше можност за водство од 2:1 преку Александар Трајковски најпрвин од слободен удар, а во 83. минута по асистенција на Несторовски, но Трајковски не беше прецизен.
Ова е второ реми за неколку дена на „црвено-жолтите“, откако одиграа без голови против Финска во петокот на истиот стадион.
Македонија со тоа ја продолжи серијата натпревари без пораз, која сега изнесува седум меча, што е една од најдолгите низи без пораз во историјата на нашата репрезентација.