Македонија на светската ранг-листа на универзитети


Ило Трајковски

Деновиве мас-медиумите ја актуализираа веста за објавувањето на т.н. Шангајска листа на најдобри универзитети во светот. Од новинарските кругови, преку засегнатата академска средина веста се пласира кон пошироката јавност. Паралелно со прикажувањето на информациите се пласираат и пораки кои треба да влијаат врз политичката свест на примателите. Се искажуваат критики поради отсуството на македонски универзитет на листата на најдобрите 500, па дури и на најдобрите 1000 универзитети во светот. Незадоволството најчесто се илустрира со отсуство од листата на нашиот најстар и најдобар универзитет – „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Поради тоа критичките поенти главно се поткрепуваат со реактивни изјави од претставници или од обични членови на академската заедница на УКИМ. Во нивните изјави како главно алиби се истакнува слабата финансиска поддршка од државата за високото образование и пред сè, за научноистражувачки проекти. А како пример дека парите се важни се посочува подобрувањето на рејтингот на белградскиот универзитет по добивањето штедра финансиска поддршка од страна на државата.
Да, парите се важни за развојот на науката. Но, сумата државни пари за наука, истражување и воопшто, за високо образование не е единствениот и најважниот фактор. Во време кога светот го предводат „општества на знаењето“, на универзитетот и академските институции им прилега место на клучни чинители и промотори на националната стратегија за развој и за етаблирање на нацијата на глобално ниво. Македонските универзитети не се дел од таква стратегија. Кај нас, реално, таква стратегија не постои. Наместо тоа, на дело се две плус стратегии, за партизација на националните интереси и за мисијата на јавните универзитети.
Добар пример за тоа се неколкуте политички потфати кои во изминатата деценија силно влијаеја врз мисијата на универзитетот кај нас, а кои се во сила и по промената на власта. Овде ги имам предвид, пред сè, целите и начините на кои се искористуваат расположливите финансиски средства или на ангажирањето на расположливите човечки ресурси. На пример, кој е ефектот од потрошените милиони за проектот превод на 1.000 книги за пласманот на нашите универзитети меѓу овие илјада најдобри универзитети во светот? Или особено е интересно прашањето за ефектот од зголемувањето на бројот на универзитети во земјата врз шансите за пласман на македонски универзитет на таа листа?
За одговор на овие прашања, поради актуелноста на прашањето за местото на универзитетот во остварувањето на националните стратегии, како показател ќе го земам пласманот на нашите универзитети не на Шангајската листа туку на ранг- листата на светски универзитети на „Вебометрикс“ (http://www.webometrics.info/en). Оваа листа дава подобра можност за поиздржана компаративна оценка на местото на нашите универзитети, најпрво регионално (на Балканот), а потоа и на светско ниво.
За разлика од Шангајската листа која ги рангира само најдобрите петстотини, односно најдобрите илјада универзитети, „Вебометрикс“ е најобемното академско рангирање во светот. Во неговата база за 2018 година, на пример, се вклучени над 26.000 универзитети од целиот свет. Од Македонија во оваа база се вклучени дваесет универзитети. Највисоко пласиран на оваа листа е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој го зазема 1.624. место. Второпласираниот македонски универзитет се наоѓа 1.818 места подолу на скалата – Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој е пласиран на 3.442. место. Потоа следуваат: Универзитетот на Југоисточна Европа (на 4.124. место), Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола (на 5.387. место), Државниот универзитет во Тетово (на 5.642. место), а другите четиринаесет македонски универзитети се пласираат меѓу 8.805. и 22.235. место.
Споредбено со другите поранешни југословенски републики, Македонија заедно со Босна и Херцеговина и Црна Гора нема универзитет во категоријата врвни 500, ниту во категоријата врвни 1.000 универзитети. Словенија има еден во категоријата врвни 500 и еден, како Хрватска и Србија, во категоријата врвни 1.000 универзитети.
Од соседните балкански земји, пак, највисоко пласираните универзитети доаѓаат од Грција. Четири нејзини универзитети се пласирани меѓу врвните 500, а дури осум во категоријата врвни 1.000 и триесет и еден во категоријата врвни 5.000 универзитети. Посочувањето на Грција како сосед е интересно не само поради фактот дека од таму доаѓаат светски најдобро пласирани универзитети од соседството туку и поради тоа што единствено благодарение на Грција, односно на грчката национална стратегија именката „Македонија“ се појавува дури четири пати на листата на светски универзитети.
Именката „Македонија“ не е содржана во името на ниту еден македонски универзитет. Исто така, во најновото издание на листата на светски универзитети на „Вебоматрикс“, Република Македонија веќе не се именува со привремената референца туку со Северна Македонија!
Покрај ваквиот номинален аспект на придонесот за афирмација на името Македонија на светската листа на универзитети, тој може да се согледува и преку бројот на цитирања на автори и дела на профилите на „Топ гугл сколар“. Според овој критериум, четирите грчки универзитети од нејзиниот регион Македонија биле цитирани 41.945 пати, додека четирите универзитети од Република (Северна) Македонија 24.795. Притоа, најзаслужни за цитирањата од македонските универзитети се УКИМ и „Гоце Делчев“ (УГД). На нив отпаѓаат речиси четири петтини од вкупниот број цитати. Додека, пак, на грчка страна најзаслужни се Универзитетот „Македонија“ од Солун и Универзитетот на Западна Македонија. Првиот продуцирал повеќе од половината цитирања на грчките универзитети од Македонија. Вториот самиот продуцирал (12.023) цитации, приближно колку и УКИМ (12.501).
Според тоа, парите се важни за науката. Но, важни се и посветеноста и стратегиската ориентација на универзитетската заедница кон научна и академска афирмација на одредена политичка, односно национална стратегија. Во тој поглед, се чини дека УКИМ, во споредба не само со споменатите грчки универзитети од грчка Македонија туку и во споредба со УГД од нашата Република Македонија, повеќе дејствува како стар и прагматично мотивиран бизнис чинител отколку како млад и пасиониран истражувач, желен за самопотврдување и докажување на својата национална релевантност.