Македонија излезе од кома


Ерол Ризаoв

Македонија зема здив по историската одлука да почне постапката за уставни промени во согласност со договорот со Грција кој веќе двапати е ратификуван во Собранието. Државата не е повеќе во кома. Запрено е попречувањето на иднината на поколенијата и европеизацијата на Македонија и нејзиниот развој како сојузник на западниот свет. Сега полесно се дише, иако загадувањето на човековата околина не е исчистено.
Непристрасните истражувачи на современата историја по извесна дистанца ќе ја дадат точната дијагноза на болеста што ја нападна малата балканска земја во која сите имале иста цел да бидат дел од Европа, но од толку силно сакање за малку ќе ја задушеа својата татковина. Но, таа работа да им ја оставиме на проучувачите на историските настани. Кај современиците, непосредните сведоци и учесници ќе остане во колективната меморија гласањето во парламентот како пресуден чин за отворање ново поглавје како најзначајна одлука по прогласување на независноста на државата.
Денеска, три дена по драматичната „прозивка“ во Собранието, емоциите веќе стивнуваат, а реалноста ги наметнува клучните прашања за остварување на целта. За почеток, најдобар сојузник е свесноста за фактот дека ништо не е готово додека не се заврши. Добро е и тоа што немаше ниту еуфорија ниту, пак, протести и конфликти. Изливите на закани, примитивизам, омраза и делби на социјалните мрежи, невидени и нечуени досега, се сериозна опомена дека сè уште има доволно човечко тесто за месење и злоупотреби, но ја губи силата за дестабилизација на државата.
Првото прашање е – како понатаму? Дали владата и релевантните парламентарни политички партии, премиерот, партиските лидери и претседателот на државата ги разбраа одлуката на парламентот, гласањето од референдумот, пораките на светот и дали ги знаат своите обврски и одговорности за натамошните нивни чекори, или и натаму ќе останат на своите тврди ставови против државните интереси. Од досегашното директно попречување на историските процеси од страна на највисоки функционери, како што е претседателот Ѓорге Иванов и дел од раководството на најголемата опозициска партија и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, штетите се огромни, до степен на длабока политичка и економска криза која водеше до распад и поделба на државата. Во моментот со голема оправданост се наметнува прашањето дали и по изгласувањето на одлуката за почнување со расправата за уставни промени оваа опасност е надмината. Несфатливо, но таквата закана е сè уште присутна и за жал и натаму поттикнувана не само од тие што го одржуваат груевизмот, туку и од средини и личности кои оптоварени со национализам и шовинизам настапуваат популистички повикувајќи да се оневозможи натамошниот процес во парламентот, иако се широко отворени вратите за отстранување на секоја пречка на патот. Мразот го скршија осум пратеници на опозицијата. Одмаздата кон нив со исклучување од партијата поради заслепеност од омраза е добра гаранција дека сите наредни одлуки ќе бидат донесени со уште поголемо мнозинство, што ќе биде најсилниот доказ дека пратениците се ослободуваат од јаремот на раководството кое сè уште командува од судските клупи на обвинети за криминал и корупција и за други тешки злодела и злоупотреби на функциите. Некои жешки глави се надеваат дека директивите ќе бидат прифаќани и од затвор.
Христијан Мицкоски дефинитивно ја испушта и последната шанса заедно со Македонија да ја европеизира ВМРО-ДПМНЕ ослободувајќи се од тешкиот баласт. Го избра најпогрешниот пат да продолжи со истата политика на неговите корумпирани претходници. Ја одби пружената рака на помирување со прогласување на виновниците за херои. Помирувањето беше можно само со признавање на вината, со извинување и барање прошка, со поддршка на правната држава да се завршат непречено истрагите и судските процеси препуштајќи им на судските инстанции да ги откријат вистинските организатори на злоделата и криминалот.

Наместо таква лидерска определба, Мицкоски избра да ја прифати очигледната тенка одбрана која не содржи ниту еден доказ, а тоа е дека се работи за политички прогон и пресметка. Тоа се потврди истата вечер со експресната одлука за отстранување од партијата на пратениците кои јавно ги повикуваше неколку часа претходно да гласаат според своите определби и совест. Глетката на построените пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на собранискиот sид како со невидена омраза гледаат кон своите осум колеги го одзема здивот. Чинам да имаа револвери, во најдобрата традиција на револуционерната партија ќе ги стрелаа. Анатемата и сатанизацијата што ја искажаа по гласањето всушност е доказ дека во врвот на ВМРО-ДПМНЕ веќе нема доволен потенцијал за партиски реформи и за нејзино ослободување од митот од историската ВМРО, која само првите 10 години од своето постоење од 1893 до 1903 година може да се смета за алем камен во историјата на Македонија. Се после тоа е претежно измама, терор, убиства, киднапирања, уцени на една терористичка организација која работи со децении на упропастувањето на Македонија. Во секој случај и овој мит како и многу други треба да им се препуштат на преоценување на непристрасни историчари ослободени од иделогии и национализам кои разликуваат митови од историска вистина.
Каква ќе биде разврската во парламентот сепак најмногу зависи од парламентарното мнозинство на власт со погрешни потези да не заколат цел бик за едно кило месо. Ако излезат од рамките на преспанскиот договор, кој е услов за евроатлантските интеграции, и се впуштат во уставни промени кои не се предмет на овој договор, тогаш лесно може да се влезе во уште потешка криза и поголема неизвесност. Во моментот нови ненужни пазарења ќе се претворат во уцени од кои нема излез.

Втората работа е што владата не смее и во овој случај да се оддалечи од секојдневните проблеми на граѓаните. Ќе мора со голема одговорност да ја сфати најсериозно високата сензитивност на јавноста на секоја злоупотреба на власта. Тоа е најдоброто што ѝ се случи на Македонија по падот на режимот на Груевски. Македонија веќе има критична маса.