Македонија и Финска ремизираа без голови


Македонија ја продолжи серијата без порази и на пријателскиот натпревар против Финска ремизираше без голови. Контролниот натпревар во Белек повеќе делуваше како официјален квалификациски меч, во кој двата тима повеќе играа тактички, отколку како за пријателска средба во која треба да се испробаат новитети што ќе бидат од полза за септемврискиот старт на Лигата на нации.

Избраниците на Игор Ангеловски имаа подобри шанси од противникот, но без конкретно решение за голманот на Финците Лукас Храдецки, кој е најзаслужен за конечниот резултат.

Првиот директен удар кон голот на Финска го упати Висар Муслиу во 31 минута, а Енис Барди имаше шанса од слободен удар во 43 минута, но не беше прецизен.

Најзрела можност имаше Аријан Адеми во 58 минута, откако сам излезе пред голманот Храдецки, но тој успеа да го спаси својот гол со одлична интервенција.

Пет минути подоцна Илија Несторовски изведе слободен удар од 17 метри, но погоди само во живиот ѕид.

Финска во 76 минута можеше да стигне до водство, но Робин Лод шутираше крај голот.

Македонската репрезентација за четири дена исто така во Белек ќе одигра натпревар и со Азербејџан.