Мадрид се подготвува да го уапси Пучдемон штом ќе стапне на шпанска територија


Карлес Пучдемон, поранешниот претседател на каталонската регионална влада, кој подолго време престојува во Белгија, ќе биде уапсен во моментот кога ќе стапне во Шпанија, тврди шпанскиот весник „Паис“.

Според весникот, токму поради тоа, доколку Пучдемон се обиде да се врати во земјата, ќе биде зголемен бројот на полициски службеници на граничниот премин меѓу Шпанија и Франција, на територијата на Каталонија.

Шпанската Влада побарала поддршка од Франција, така што земјата ќе го предаде поранешниот каталонски лидер на Шпанија „за еден час“ ако биде уапсен на француска територија, наведува „Паис“.

Во Каталонија денеска се одржуваат избори за членови на регионалниот Парламент, на кои граѓаните се поставени пред избор меѓу партиите што се залагаат за независност и тие кои се за останување во Шпанија.

Изборите беа распишани од страна на властите на Шпанија, откако Каталонците на 1 октомври одржаа референдум за независност, кој шпанската полиција се обиде да го спречи, а потоа на 30 октомври каталонскиот Парламент прогласи независност. Шпанија одговори со суспендирање на каталонската автономија, апсење на дел од каталонските лидери и распишување нови избори.

Според анкетите, ниту една од партиите нема да освои мнозинство во Парламентот и најверојатниот исход ќе биде подолг процес на создавање на владејачка коалиција.

Пучдемон, кампањата ја водеше од странство, преку видео обраќања, а неговиот разрешен заменик Ориол Жункерас беше пуштени од притвор кусо време пред денот на изборите.

Партиите кои се залагаат за независност не успеаа да се договорат за заедничка листа, како на претходните избори во 2015 година, кога освоија тесно мнозинство во Парламентот.

Од друга страна, партијата Сиудаданос, која е една од четирите најголеми партии во Шпанија и има своја база во Каталонија, доби на популарност по референдумот за независност. Сиудаданос се залага за останување на Каталонија во Шпанија и ги обвинува сепаратистите дека со своите постапки предизвикале политичка неизвесност и пад на економијата.