Лондон протерува 23 руски дипломати
Велика Британија ќе протера 23 руски дипломати поради случајот со труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал, соопшти британската премиерка Тереза Меј во Парламентот во Лондон.
Таа нагласи дека Русија е виновна за труењето на британско тло на поранешниот шпион Сергеј Скрипал.
На руските дипломати им е даден рок од една недела да ја напуштат државата. Тоа е најголема мерка од тој вид во изминатите 30 години. Досега Русија имаше 59 дипломати во Обединетото Кралство.
Меј додаде дека таквата мерка „ќе ја поткопа работата на руските разузнавачки служби“ во Велика Британија во следниот период.
Таа нагласи дека Велика Британија „ги прекинува времено сите билатерални контакти со Русија“ и ја повлекува поканата до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да го посети Лондон.
– Поради случајот Скрипал, Лондон ги засилува контролите на приватните авиони и проверките на царина, нагласи Меј.
Меѓу мерките што ги најави таа се и онаа дека високи претставници на државата и на кралското семејство нема да присуствуваат на Светското првенство во фудбал што ќе се одржи ова лето во Русија. Таа смета дека целосен прекин на дијалогот меѓу Русија и Велика Британија не е во национален интерес на државата.
Во Њујорк денеска ќе се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал.
Седницата ќе се одржи по барање на Велика Британија.
Скрипал и неговата ќерка беа нападнати со нервен агенс на 4 март во англискиот град Солсбери.