Курти: Беа тешки 50 часа, се уште не сум оздравен


Лидерот на косовската опозициска партија Движење Самоопределување (ВВ) Албин Курти, објави дека излегол од болница, но дека се уште не е целосно оздравен и ќе му требаат уште две недели опоравување по тешката настинка, поради која беше хоспитализиран во инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово (ЌКУК).

Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека поминал „над 50 тешки часови“ в болница, но оти сепак му е тешко да каже дека е болен, имајќи ги предвид другите пациенти кои беа во потешка состојба.

– Бев болен, се уште не сум оздравен. Потребни се две недели одмор и продолжување на терапијата. Меѓутоа, се срамам да речам дека бев болен кога ќе се сетам на другите пациенти таму, во тешка, а некои и во многу сериозна состојба, напиша Курти, изразувајќи им благодарност на лекарите и болничарите „кои секојдневно им помагаат на сите болни“.

Курти поради висока температура и мачнина во вторникот претпладне беше хоспитализиран на инфективното оделение во ЌКУК и првичната дијагноза беше дека е најверојатно заразен од сезонски грип. Подоцна се утврди дека имал проблеми со дишењето, односно белодробна настинка.

Поради тешката клиничка состојба, како што изјавија лекарите, истиот ден беше сместен на одделението за интензивна нега и реанимација, а денеска околу пладне беше пуштен на домашно лекување.