Кривични пријави за поранешните градоначалници на Ново Село и Василево


Струмичката полиција поднесе кривични пријави против поранешните градоначалници на Ново Село и Василево, соопшти денеска портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.

Според неа, екс градоначалникот на Ново Село Б.В. (54) се сомничи дека сторил кривилно дело „злопотреба на службената положба и овластување“, а А.Б. (54) од село Мокрино, општина Ново Село, за „соизвршителство“, а кривична пријава е поднесена и за фирма од истото село.

Имено, општина Ново Село во 2015 година добила шест илјади литри нафта за чистење на речни корита. Половината од доделената количина била складирана во буриња во администативната зграда на општината, а другата половина била преточена во цистерна на фирмата од село Мокрино.

– Правното лице подоцна ја добил јавната набавка за работата, за кое нешто од страна на правното лице била изготвена и издадена приемница на количина од 3 илјади литри нафта и истата била доставена како доказ за евиденциите во општина Ново Село дека нафтата е примена. Откако биле источени доделените 6 илјади литри нафта за потребите на општина Ново Село, првопријавениот, како градоначалник иако била должен, ниту водел евиденција за искористените количини на нафта, ниту пак изготвил документација со што постои основано сомневање дека првопријавениот во содејство со второ и третопријавениот, се стекнал со противправна имотна корист на штета на општина Ново Село, во висина од 300 илјади денари, рече портпаролката а СВР Струмица, Хризантема Рендевска.

Таа додаде дека истовремено во делот на предистражната постапка од страна на полициски службеници е констатирано дека се работи за фиктивна документација.

Со доделената нафта требало да се работа на чистење на речно корито „Порој канал“ во должина од 500 метри, во село Колешино.

Полицијата за шест дена му поднесе уште една кривична пријава на поранешниот градоначалник на општина Василево В.С. (51) повторно за вработување на државен службеник без соодветно образование.

-Во јуни 2010 година му изготвил Решение на лице од село Добрашинци за вработување на државен службеник на работно место Референт за угостителство, туризам и занаетчиство во Одделението за комунални работи и уредување на градежно земјиште и локален економски развој во општинска администрација на Општина Василево, за кое работно место согласно Правилникот за систематизација на работни места на Општинската администрација во Општина Василево било потребно кандидатот да поседува IV степен на ССП или V степен, информираше портпаролката Хризантема Рендевска.

По целосното расчистување и документирање на настанот од страна на СВР-Струмица изготвени се кривични пријава и се доставена во ОЈО-Струмица.