Кој е Ли Јонгхонг, кинескиот бизнисмен што му изброја 750 милиони евра на Берлускони за Милан?
Мирот што Кинезот Ли Јонгхонг требаше да го внесе во Милан со преземање на клубот од Силвио Берлускони траеше кратко. Многумина во април помислија дека е дојден крај на турбуленциите на „Сан Сиро“, дека „росонерите“ влегуваат во помирни води и дека етапно ќе се вратат на старите, трофејни патеки. Но, како одминува времето, се поткопува и розовата фудбалска приказна во градот на модата.
Ли Јонгхонг наеднаш излезе на површина во светскиот фудбал, му изброја 750 милиони евра на поранешниот италијански премиер за седумкратниот европски првак, па јавноста веднаш тргна по одговори на прашањата кој е, што е, со што се занимава. Резултатите на пребарувачот „Гугл“ беа оскудни и не исфрлија кој знае што, ситуација што не беше поразлична и во Кина.
Во потрагата по разобличување на Јонгхонг се впушти и угледниот „Њујорк Тајмс“. Весникот, според сознанијата до кои дојде, заклучи дека не може да биде на листата на 400 најбогати туку дека лажно се претставува како милијардер. Притоа се наведува дека најголем дел од 750 милиони евра колку што плати за мнозинскиот пакет акции на Милан ги позајмил од инвестициски фонд од САД чии, пак, претставници вклучија член во договорот во кој се нагласува дека ќе ја преземат сопственоста врз клубот доколку кинескиот бизнисмен не ги врати парите во рок од една година.
Јонгхонг тврдеше дека е сопственик на рударско царство за што американските новинари открија дека не е на негово име. За просториите на неговата компанија се пишуваше дека се празни бидејќи не бил платен закуп. При одмотување на клопчето се дојде до сознание дека бил казнет пред четири години за лажирање на финансиски извештај како и дека на службениот број на компанија што е оставен за контакт се јавува жена која тврди дека нема никаква врска со Јонгхонг.
Досие со манипулации во бизнисот има и за неговата фамилија за која постојат сомнежи за мамење на преку 5.000 инвеститори за вкупна сума од 57 милиони евра. Судскиот епилог на случајот бил со затворски казни за неговите татко и брат, казна што Јонгхонг ја избегнал меѓутоа сега одново се наоѓа под тежок удар.
Јонгхонг преку Милан западна во очи и со галантното однесување во летниот преоден рок во кој се купуваше, што се вели, без да се праша за цена. Обемниот пазарен ангажман упатуваше дека „росонерите“ конечно имаат ростер што ќе атакува на титула во Серија А што по 13 кола изгледа разочарувачки за навивачите. „Црвено-црните“ моментно се седми на табелата со седум бода помалку од Сампдорија на шестото место што води во Лига Европа и покрај 200 милиони евра што беа потрошени на засилувања.
Многу аспекти притоа беа базирани на проектиран успех и на учество на тимот во Лигата на шампиони во сезоната 2018/19. Но, ако утрото по денот се познава, тогаш инвестицијата може да се покаже како пропадната на крајот. Периодот е актуелна и информацијата за можна суспензија на клубот од УЕФА поради кршење на правилата за финансиски фер-плеј, па „росонерите“ би можеле да останат без меѓународна сцена за наредната сезона и во случај да завршат на една од позициите за ЛШ или ЛЕ.
Клубот беше во идентична ситуација и пред десетина години кога беше утврдено дека е бил дел од познатата афера „Калчополи“ со лажирање на натпревари во Серија А. Тогаш му беше прогледано низ прсти, беше вклучен во квалификациите за ЛШ што и ја освои на крај на сезоната.
Милан оваа сезона е учесник во групната фаза во Лига Европа. Во баражот за второто по ранг натпреварување на УЕФА ја елиминира Шкендија.