Коѕијас: Преферирам име на словенски, без превод, со географска одредница
Соседната земја, терминот Македонија, долги години го разбираше како национална, а некако географска карактеристика, сега треба да се најде географска или територијална одредница. Моја желба е името да биде непреведно, на словенски јазик, таков пример се Нова Македонија, Вардар Македонија, Горна Македонија, вели Никос Коѕијас, а доколку тој би бил кум на земјата, немало да сака да биде вклучено името Македонија. Сепак, објаснува дека „за жал веќе 25 години, Грција официјално користи сложено име“.
Министерот за надворешни работи на Грција во синоќешното интервју за грчката телевизија Алфа, снимено само неколку часа по маратонските преговори во Виена, откри детали за грчките позиции, за нацрт спогодбата, за нашата евро-атлантска перспектива, за медијаторот Нимиц, но и каде се наоѓаме во преговорите.
Шефот на грчката дипломатија вели дека во Виена имало речиси 12 часа континуирани преговори, но сѐ уште не постои договор за ниту една точка, барем според неговата перцепција. Во однос на изјавата на македонскиот премиер дека се отстранети три од седум точки во разговорите, Коѕијас, вели дека понекогаш е важно како се толкуваат, затоа што „можеби господинот Заев мисли дека сме договорени за генералните принципи за решение на некои проблеми, а јас можеби мислам на попрактичното решение“.
-Мислам дека премиерот Заев изразува еден оптимизам што е добар за преговорите. Имавме разговор точка по точка и кога преговараш точка по точка, во основа за ништо не можеш да се согласиш. За секоја точка имаш мислење, има и другата страна свое мислење. Она што можеш да направиш е овие различни мислења да ги ставиш во еден пакет. Академски, ова го викаме пакет решение,што значи јас ќе ти дадам нешто што не е толку важно за мене,но за тебе е поважно, а ти ќе ми дадеш едно прашање што е важно за мене, а за тебе е малку помалку важно. Затоа што во спротивно нема да има договор, објасни шефот на грчката дипломатија.