Коѕијас пак во Скопје по Велигден
Кон средината на идната недела, по велигденските празници, грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас повторно ќе допатува во Скопје, каде што ќе се сретне со министерот Никола Димитров. Датумот се уште не е утврден прецизно, но посетата е веќе договорена, се дознава од дипломатски извори.
Интензивирањето на состаноците меѓу Коѕијас и Димитров, според грчките медиуми, укажува на подготвеноста на двете страни да постигнат решение околу нивните разлики, што беа утврдени на преговорите деновиве во Виена. Отворањето на тешки поглавја предизвикува главоболки на двете страни. Според грчките медиуми, за Грција принципот ерга омнес е непрекршливо “правило”, како и ревизијата на Уставот во кој според оваа земја треба да се внесе новото име и да се избрише дел од Членот 49 за македонското малцинство во странство. За Македонија, црвени линии се именувањето на јазикот и на националноста, додека за другите прашања се пронајдени начини за нивно решавање.
Со повеќе од два месеци интензивни консултации околу барањата на двете страни, Коѕијас и Димитров, според грчките оценки, сега се фокусирани на запознавање на јавноста со оние точки за кои се смета дека можат да предизвикаат проблеми и реакции.Грчкиот министер за надворешни работи ќе ги информира лидерите на политичките партии деновиве за текот на преговорите и можно е да одржи и прес конференција ,за да грчката јавност биде информирана за најновите случувања. За деталите од преговорите и на двете страни се молчи.