Косово пред портите


Петар Арсовски

Онаа езотерична средба на Вучиќ и Заев на границата, каде што отвораа некаков си проект за т.н. One Stop Shop, само ги подгреаја аналитичките кујни – ние Балканците сме склони кон заговори и озборувања, а маргиналните и неодредени изјави за Косово, кои како ан пасан да беа уфрлени во официјалната агенда, само ни ја разгореа имагинацијата. По зголемувањето на интензитетот на средбите Тачи-Вучиќ, и низ форматот на нивните изјави, се наѕира контура на некакво поместување од статус кво ситуацијата за Косово. Двајцата политичари, како да ја подготвуваат јавноста за поголем проект, како да пуштаат „пробни балони“ – а судејќи по содржината на нивните изјави, тие тестираат токму решение кое секако би вклучувало размена на територии.

Тука доаѓаме до првата пречка. За овој регион на светот, досега важеше аксиомата за неменливост на границите. Оние што се занимаваат со Балканот ќе речат дека какво било поместување на која било граница, веднаш ги проблематизира сите граници на Балканот. Оттаму, и разбирливо, со огромна скепса, па и страв, ова решение се дочекува во околните земји (секако и кај нас), но и кај дел од членките на ЕУ. Голем дел од аналитичарите ќе речат „за такво нешто нема шанси“, преризично е, премногу пати се покажало дека таквите решенија дестабилизираат, нема да си дозволат да сменат голема геостратегиска парадигма, нема да успеат да се договорат и слично.

Не сум убеден дека и овој последен обид треба да се отфрла со таква леснотија како невозможен. Има повеќе варијабли кои се сменети, а кои можат да направат ова од теоретска идеја на хартија, да стане капитален геостратегиски реален проект многу брзо. Прво, меѓународната заедница, дури и оние што се противат на ваквото решение, тешко ќе најдат забелешка на процесот – навидум тој ги исполнува сите критериуми наметнати токму од оние кои сега би го прекинале: сами, без меѓународна помош, земјите се обидуваат да решат децениски проблем и да најдат заемно прифатливо решение. Нема многу простор да се критикуваат Тачи и Вучиќ, а тие тоа безрезервно и го користат како одговор на секоја критика.

Значи, сега имаме помалку формален простор за забелешки. Потоа, се гледа дека разговорите се отидени многу далеку – ние дури сега ги фаќаме конците и одгласите на она што, по сè изгледа, веќе одамна е договорено во далеку поинтимен формат. И анализите, и реакциите од официјален Брисел, па и релативната пасивност на Вашингтон, барем делумно се должат на фактот што двајцата лидери брзо успеаја да дојдат до „пакет“. Сега, кога пакетот е веќе готов, како таков многу потешко се растура и се критикува. Трето, хистеричниот рик на меѓународната заедница е сега сведен на срамежливо мјаукање. Очигледно е дека Брисел, а Вашингтон секако, не гледаат со истата скепса на еден ваков проект. Дали тоа се должи на добрите вести од Македонија и Грција, на новиот интерес на ЕУ за Западен Балкан (кој значи дека евентуалните решени проблеми би биле брзо наградувани), тоа не е важно. Важно е дека кога сега ќе се спомене размена на територија и население, тоа веќе не е табу. Ако не е табу, тогаш е легитимен избор. Ако, пак, е легитимен избор, тогаш Тачи и Вучиќ тоа и ќе го изберат.

Што е проблемот со ваквото решение, и зошто би требало да воведеме доза на загриженост во начинот на кој го анализираме овој проблем. Се разбира, првиот инстинкт ни е прагматичен: „Ние да влеземе во НАТО, да почнеме преговори со ЕУ, па тие после нека кршат глава“. Но дали е баш така? Прво, раздвојувањето на Косово е победа на една дијаметрално спротивна парадигма на решавање на отворените мултиетнички прашања, од онаа врз која се темели Македонија. Досега, правилото беше мултикултурни општества со фокус на малцински права и стабилни граници. Ова е различно: границите се менливи, мултикултурноста е неможна, затоа треба да се создаваат етнички чисти држави. Дали по аналогија, ако проектот успее, истото би требало да го пробаме и тука?

Второ, расцепканите парчиња нема да чекаат нова Голгота на признавање – тие ќе се соединат со матичните држави. Тоа е веќе создавање на нови големи држави, кое се заканува да се пренесе на Босна и така да го направи регионот постојано во криза. На крајот, ако ваквото сценарио им одговара на Вучиќ и Путин, шансите се дека не ни одговара нам, зашто имаме спротивставени интереси – ние сакаме во ЕУ и НАТО, а тој не нè сака таму.

На крајот, евроскептиците, дури и во самата ЕУ, можат да го искористат ова поместување за изговор за ново одложување на интеграциите, што за повеќето аспиранти (за нас секако) би било катаклизма во општествено-политичка смисла. Така, мораме да бидеме внимателни во набљудувањето, но јасни во бранењето на нашиот интерес – а тој е првенствено брза евроатлантска интеграција во која границите ќе станат неважни.