Концептуална продавница за борба против униформираноста


Во што е разликата помеѓу обична и концептуална продавница? Во првиве просторот е поделен на рафтови и делови во зависност од видот на производите. И нема никаков концепт кој ја спојува целината. Во концептуалните продавници или „concept store“ целината е во идеологијата на продуктите и на идејата за продажба. Во нив производите што се изложени за продажба најчесто се обраќаат на одреден вид на вкус и стил. Но, ова последново не е правило секогаш.

Во нив не постојат одвоени делови/сектори, туку во нив се продаваат различни артикли од украси, гардероба, храна, уметнички слики, па се до реквизити. Нивната цел е индивидуализиран лајфстајл.

Концептуланите продавници не се новина во светот, но кај нас сè уште се во рамките на новите и иновативни бизниси преку кои младите стапнуваат во светот на претприемачите. Во Македонија сè уште за пошироката маса на луѓе овој концепт е непознат, чуден, но сите кои барем прошетале низ соседството знаат дека овој начин на пласирање на производи е добро развиен.

Полека како земја почнуваме да се приближуваме кон западните трендови, барем кога станува збор за новите бизниси. Кај нас ваква концепт продавница е „Ерор Колектив“, која неодамна беше отворена во Скопје. Таму се споени тројца дизајнери кои засебно веќе се брендовски изградени. „Ерор колектив“ го сочинуваат млади креативци кои лоцирањето на општествените аномалии и коригирањето на истите го прават преку создавање на уникатни парчиња гардероба, тефтерчиња, беџови… Модната дизајнерка Милена Атанасова (АТАМИ) го поддржува неконвенционалното и создава за оние кои трагаат по сопствената линија. Илустраторката Емилија Ставрова (Ем Елефантски) е препознатлива по емотивните и забавни форми. Секоја нејзина цртка е хармонија на различно и содржи едноставност и сложеност, ахроматско и колоритно. Илија Стефановски (Ерор оф Хармони), креативец кој ги здружува архитектите, музичарите и скејтерите. Тој вели дека „Ерор оф Хармони“ не е бренд, туку се стреми да стане движење преку кое уметниците ќе пружат отпор и ќе создадат свој свет. Тие се заедништво како што и самиот збор „колектив“ е: група во која различното создава единство. Место каде личниот печат гради заедничка целина.

Потребата за изложбен простор или место кое ќе го промовира домашниот дизајн и уметност е главната причина за создавање на концепт-продавницата под името „Ерор Колектив“.

„Нашата цел е овој проект да расте и да се менува, константно, промовирајќи артисти и дизајнери. Поддршка за урбаната култура и промоција на скејт сцената кај нас. Би сакале публиката да знае дека има едно место во кое можат да најдат автентичност, современ израз и дизајн, место каде можат да поддржат домашни артисти, место во кое можат да бидат слободни и свои“, велат дизајнерите од „Ерор Колектив“.

Овој нивен иновативен бизнис нема таргет група или возрасни граници, велат дека создаваат за луѓето со став и стил.
„Нашето НЗС е љубовта кон неконвенционалното и потребата да го изразиме нашиот став. Меѓусебната почит кон нашата индивидуална работа и испреплетеноста помеѓу лично дружење и професионални колаборации, беа појдовна точка за создавање на овој тим“, велат тие.

На прашањето дали може да заклучиме дека преку сите овие дизајнирани продукти кои ги нудат на пазарот се поттикнува излегувањето од униформираноста, нивниот одговор е јасен: – Дефинитивно!

Иако во регионот и пошироко концептуалните продавници не се нешто ново, кај нас сè уште е нова идеја која не се разбира во целост од поширокиот аудиториум. Но, мразот се скрши, па овој иновативен бизнис лоциран на „Костурски херои“ во скопско Дебар Маало, може да биде само почетна алка од концептуалните продавници.

„Се надеваме дека пред сѐ, ќе ја научиме публиката да ја почитува и поддржува домашната сцена, а со тоа ќе се поттикнат и артистите да творат и да ја промовираат својата работа прво дома. И секако, има многу креативни луѓе, „Ерор Колектив“ ги поддржува сите да се борат против наметнатото и лажното, да создаваат свои светови и да ги остваруваат своите идеи“, велат тие.

Во доцните деведестти години во Европа за првпат се појавува концептуална продавница, која нуди уметнички парчиња, дизајнерска гардероба, музика, специфична храна и останати продукти кои се поврзуваат со културата. Станува збор за продавницата „10 Корзо Комо“ основана во Милано, од галеристката и публицистка Карла Созани. Карла во јавноста е позната и како сестра на тогашната уредничка на италијанскиот „Вог“, Франческа Созани.

Пред прагот на новиот милениум на најстариот континент се отвораат повеќе концептуални продавници кои ги збунуваат муштериите, но и ги привлекуваат со тоа што ги рушат стандардите на вообичаените продавници како бутик, прехранбена продавница или продавница само за обувки.
Набрзо после „10 Корзо Комо“ во Милано, бранот на концептуалните продавници очекувано се преселува во Париз каде прва од таков нетипичен тип е „Колет“, а веднаш потоа во Берлин се отвора и „Квартиер 206“. Во Лондон се отвора и тогаш најпопуларната „Dover Street Market“, која ја води Реј Кавакубо, главна дизајнерка во „Ком де Гарсонс“.

Ивана Настеска
Фото:Борис Грданоски