Кога ВМРО-ДПМНЕ му суди на судството
Александра М. Митевска
По принципот речено-сторено, опозицијата навистина го почна ова лето онака како што најави пред извесно време – работно.
Ако се суди според соопштенијата што се „штанцаат“ секојдневно и масовно во белиот дворец и прес-конференциите што последователно се одржуваат, може да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму е доследна на правилото 24/7, кое своевремено го декларираше претходното партиско раководство, во периодот кога беше вгнездено на „Илинденска“. Во тој поглед, владејачкиот СДСМ значително заостанува зад своите политички противници. Додека ВМРО-ДПМНЕ смислува постојано нови досетки за критика на владејачката партија, на „Бихаќска“, од каде што повеќето функционери се разбегаа на разни позиции во извршната, законодавната или во локалната власт, нема кој да застане зад микрофонот и да даде соодветен одговор на обвинувањата што одекнуваат по неколкупати дневно.
Од мноштвото критики што ВМРО-ДПМНЕ ги испрати на владејачка адреса во последните неколку дена на различни теми – почнувајќи од состојбите во земјоделството, па до договорот за името и (не)добиениот датум за преговори со ЕУ, некако најсимпатична или можеби најнаивна, иако изречена од искусен политички кадар, беше онаа за катастрофалната состојба во судството кое плачело за реизбор. Таква дијагноза, сосема сериозен, изрече Александар Николоски, актуелен потпретседател на опозициската партија, поранешен долгогодишен пратеник и несуден амбасадор на земјава во Брисел.
Што друго, всушност, ѝ е работа на опозицијата освен да го мери и премерува секој чекор на власта и јавно да го критикува ако смета дека е погрешен. Сепак, кога таа критика ќе премине во критизерство кое доаѓа од некој што до вчера бил дел од гарнитурата што владееше долго и неодмерено, тогаш работата навистина станала критична. Но, не толку за новата власт, која веројатно очекува да биде „шамарана“ од политичките противници, колку за новата опозиција, која сега е соочена со дополнителниот притисок од ЕУ за завршување на судските процеси што произлегоа од аферата со прислушувањето и околу насилствата во парламентот на 27 април минатата година.
Ако на ВМРО-ДПМНЕ сега не ѝ чини судството какво што беше инсталирано и градено во време на нејзиното владеење, тогаш што ќе речат опозициските функционери ако премиерот Зоран Заев, случајно, реши утре да го спроведе својот план што го најавуваше пред да дојде на власт – за генерален реизбор на судии и обвинители? Веројатно, ќе речат дека СДСМ го партизира судството и дека новите судии се пристрасни и необјективни во однос на сите постапки со кои се опфатени високи поранешни, па и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, не е тешко да се претпостави дека во таков случај ВМРО-ДПМНЕ ќе употреби слични квалификации како што користеше и сѐ уште користи за СЈО, иако учествуваше во преговорите за неговото конституирање и во изборот на обвинителите.
Интересна е и најавата на Николоски дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе направи целосен реизбор и проверка на оние судии што ќе останат во судскиот систем. Слично нешто, впрочем, најавуваше и Заев додека беше опозиционер, за потоа таа силна најава да се сведе единствено на реформа на правосудството – нешто што мораше да се изведе пред Европската комисија да го затвори едно и пол годишниот извештај за Македонија, а за што беше неопходна и вклученост на опозицијата. Така, и препораката на ЕК за Македонија стана чиста наместо условена, додека низ судниците, како и во институциите за избор на судии и на обвинители, и натаму се истите кадри од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
А, многу работи ќе беа поинакви доколку ВМРО-ДПМНЕ не мораше да чека да се врати на власт за да прави реизбор и ревизија во судството, како што сега најавува партискиот потпретседател. И ако тоа го направеше според принципи и критериуми уште додека беше на власт. Во таков случај, можеби, македонското судство немаше да добие епитет „сваровски“, можеби и Рајнхард Прибе немаше да мора да доаѓа во земјава и да пишува препораки за реформи на третата власт и на разузнавачкиот сектор, па и препораката во претходните извештаи на ЕК можеби немаше да биде условена…
Секако, и во последниот извештај на ЕК има забелешки за состојбите во правосудството, ама не треба да се заборави дека голем дел од извештајот се однесува на состојбите пред и за време на смената на власта. И сосема очекувано сега ЕУ повторно притиска за засилување на реформите во правосудството, зашто не се доволни само законите што СДСМ мораше да ги договара со ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат ЕУ бара конкретни резултати, што ќе значат завршување на процесите што произлегоа од бомбите и од настаните на 27 април 2017 година. Затоа и не е изненадување што опозицијата се чувствува силно засегната и што, всушност, го критикува истото судство што беше уште посилно критикувано од разни страни додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.