Климата течеше додека одекнуваа „бомбите“


Кофа во која се собираше водата што течеше од расипаната клима во големата судница во стариот Кривичен суд и влажен под ги пречека обвинетите и новинарите на вчерашното рочиште за случајот „Траекторија“.

Таванот беше набабрен од водата што се собирала поради неисправната клима. Поранешниот премиер Никола Груевски, по 11 години владеење, сега секој ден може и сам да види во какви услови работеле судиите, вработените во судот и новинарите.

Тој заедно со поранешните министри од неговата влада, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски, вчера во судница јавно ги слушаа сопствените разговори што ги воделе пред повеќе од пет години. Јанакиески бил главен во договарањето на кредитот од Кина за изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Никој од обвинетите не даде изјава за тоа што го слушнаа во судница.

Дел од „бомбите“ јавноста не ги слушна бидејќи одбраната побара новинарите да бидат исклучени. Поранешниот вицепремиер Пешевски, иако надвор од судницата, не сакаше да даде изјава и на новинарите им рече дека нема коментар за тоа како се чувствувал додека го слушал својот глас. Во судницата велеше дека ги брани државните интереси.

Додека обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, му објаснуваше на судијата Горан Бошевски дека разговорите се суштински, Пешевски од место дофрли дека исклучувањето на јавноста при објавување на тие разговори е за да се заштителе државните интереси.

„Не се овие приватни разговори за да не ги пуштате сега. За најсуштинските разговори одбраната бара судот да не ги пушта јавно. И да одлучите подоцна да ги пуштите судија, веќе ќе биде изгубен континуитетот“, рече Стефанова. Сепак, судијата Горан Бошевски рече дека на крајот ќе одлучи за сите разговори за кои одбраната побара исклучување на јавноста. Стефанова беше децидна дека јавноста ќе ги слушне тие разговори.

За „Траекторија“ треба да се објават вкупно 315 прислушувани разговори, а вчера беа пуштени неколку десетици. Во повеќето од разговорите што беа пуштени немаше некој клучен доказ за криминалот за кој се товарат обвинетите. Повеќето од разговорите ги водеше Јанакиески и договараше потпишување на меморандум со Кинезите.

Јавноста, како и пред три години, можеше да ги слушне поранешните министри во поинакво светло, како се шегуваат, како договараат „финти“, како ги нарекуваат Албанците „Шиптари“.
Во еден од разговорите Јанакиески на Груевски му кажува дека вредноста на автопатот Штип – Миладиновци е 288 милиони евра, а проценетата вредност била 250 милиони евра со камата од 3 проценти и вклучен грејс-период.

„Сум почнал да се закосувам на очите“, му вели Јанакиески на амбасадорот на Македонија во Кина, Оливер Шамбовски, а во друг разговор му открива дека нашол „финта“ како долгот што ќе го имаме кон Кина да влезе во ставката буџетски дефицит, а не долг.

„Многу ни е важно компанијата која ќе го добие договорот да е акционерско друштво во Кина бидејќи во тој случај долгот нема да влезе во буџетски дефицит, туку како долг“, вели Јанакиески. Јанакиески зборува и со една машка непозната личност и раскажува дека многу убаво си поминале во Кина и дека сите ги научиле да пеат „Излези момче право на тераса“.

За овој случај СДСМ објави разговор во кој поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески ѝ кажува на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека Груевски ги тера да направат нешто незаконско.

„Да ти кажам ноќеска каква порака добив, ми се смачи што ми доаѓаше да грабнам телефон и да му ја скршам главата“, и потоа додава: „Нè тера да направиме незаконско нешто. Не јас, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат“, ѝ вели Ставрески на Јанкулоска во еден од разговорите кои беа јавно објавени.

За изградбата на автопатиштата двајцата поранешни министри и ексдиректорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Груевски се товари за делото примање награда за противзаконско влијание.
Автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид ги гради кинеската компанија „Синохидро“ со кредит од кинеската Ексим банка од 580 милиони евра.

Според обвинението на СЈО, при процедурата за избор не биле почитувани правилата за спроведување тендер. Осомничените во постапката за барање најдобар изведувач, спротивно на правилата за јавни набавки и спротивно на условите на кинеската влада и кинеската Ексим банка, избрале изведувач што имал поскапа понуда од втората компанија што конкурирала на тендерот.

Во јануари 2013 година високите владини службеници, иако биле доставени две понуди, разгледувале и одлучиле само за една. Понудата на компанијата која доставила пониска понуда била скриена, по што бил склучен договор само со компанијата која имала повисока понуда. Се товарат дека го оштетиле буџетот за над 155 милиони евра.

За Груевски договорот со кинеската компанија е според закон, кој бил изгласан во Собранието и за кој гласале и пратениците од СДСМ.

„Бомбите“ за овој случај ќе продолжат да се слушаат идниот месец, а Груевски речиси секој ден има закажани судски рочишта.
Некои се одржуваат во новата, а некои во старата зграда на Кривичниот суд. Но и во двете згради во некои од просториите тече вода. Претседателот на Судот, Иван Џолев, чека смена во Министерството за правда, кое е надлежно за новата зграда на Судот. Од Министерството за правда во овој вакуум-период не е никој достапен да одговори на прашањата на јавноста.

Фросина Факова – Серафиновиќ