Кинески компании заинтересирани за купување на термоцентрали во Грција
Седум кинески компании пројавиле интерес за учество во продажбата на 40 проценти од сопственоста на термоцентралата „Мелити“ кај Лерин и постројката „Мегалополи Аркадија“ на Пелопонез.
Грчката државна енергетска компанија ДЕИ е принудена да продаде дел од своите капацитети, како обврска преземена со програмата за спас на Грција, чие спроведување е услов за доставување помош од страна на Европската унија и другите странски доверители.
Продажбата на капацитетите е и дел од обврските на Грција за либерализација на енергетскиот пазар. Централите треба да бидат продадени до јули.
Синдикатите, пак, најавија протести против продажбата на централите, стравувајќи дека тоа ќе доведе и до намалување на бројот на вработени.
ДЕИ произведува 90 проценти од електричната енергија во Грција.