Каде се мигрантите?


Љупчо Поповски

 

Политичарите се во состојба да измислат криза кога не можат да ги решат нормалните проблеми во едно општество. И таа криза да ја подигнат дури на ниво на опстанок на нацијата за да можат да ја задржат власта. Измислената криза со мигрантите е дел од новата европска политика за дехуманизација на континентот. По самитот на европските лидери, на таа популистичка реторика им се приклучија и мејнстрим политичарите од ЕУ, оправдувајќи ги своите одлуки со наводната опасност дека на следните избори ќе дојдат луѓе кои немаат многу разбирање за правата на бегалците, па дури и на оние што регуларно, поради различни причини, би побарале азил.

Популистичкиот појас што се формира од Италија, преку Баварија, Австрија, Унгарија, Словачка и Полска, е најголема опасност за европската архитектура по падот на Берлинскиот ѕид. На ова популистичко и крајнодесничарско друштво се обидуваат да му се приклучат и губитниците од регионот, кои со драматични пораки сакаат да ги заплашат граѓаните со нова можна наезда на азиски и африкански варвари. Една проминентна македонска професорка политичарка опишува застрашувачки можни слики: „Сега мигрантите ќе ви живеат до носот, секој ден ќе си ги гледате новите соседи како ве пљачкаат по домовите, како ви ги реметат децата по лулашки, како ќе ви силуваат сѐ по ред“.

Вакви ксенофобични, па дури и расистички изјави, не се дел од македонското културно и политичко наследство, но за да се поентира на политичкиот мегдан, очигледно може да се зборува сè, па и сешто. Заплашувањето и поттикнувањето на инстинктивните стравови станаа главни максими за водењето политика. Така беше лани пред локалните избори, кога македонската опозиција ја конципираше својата политичка програма со измислување на што е можно поголеми политички стравови од мигрантите за да се обиде да го смени расположението на гласачите.

И тогаш, и сега остана главното прашање – каде се мигрантите? Освен неодамнешната вест дека двајца илегални мигранти загинаа во близината на Штип, а десетина беа повредени, јавноста немаше слушнато дека очајниците кои се закренале од нивните несреќни татковини, уништени од војните или диктаторствата, се повторно на македонските патишта или пруги. Но, по третиот последователен триумф на Виктор Орбан во Унгарија (целата негова кампања беше базирана исклучиво врз стравот од мигрантите), по формирањето на конзервативно-крајнодесничарската владина коалиција во Австрија врз антиимигрантско пледоаје и конституирањето на новиот италијански кабинет од левите и десните популисти, многумина овде разбраа дека играњето со стравот од бегалците може да ја извлече партиската понуда на главната сцена.

За тоа можат да се потпрат и на европските политичари. Пред три години, кога беше врвот на мигрантската криза, Ангела Меркел ги отвори германските граници за бегалците и мигрантите изјавувајќи: „Ние можеме да се справиме со тоа“. Тогаш, во 2015 година, само во Грција, на пример, пристигнаа 850 илјади баратели на азил, плус 150 илјади со бродови во Италија. Сега, по бунтот внатре во нејзината коалиција и заканите на министерот за внатрешни работи од нејзината сестринска партија од Баварија, Меркел и нејзините европски колеги не можат да се справат со 95 отсто помалку мигранти од пикот во октомври 2015. Во Грција, за првите пет месеци пристигнале само 13.000 бегалци, а на озлогласениот италијански остров Лампедуса (главно прибежиште за оние што доаѓаа преку морето) едвај илјада.

Главниот проблем поради кој се тресат влади во Европа, а популистите го креваат гласот, е што да се прави со барателите на азил кои веќе се во европските држави, а не оние што би можеле да дојдат. Каде да се изградат прифатните центри? Дали во првата земја од ЕУ каде што пристигнале или на некои од внатрешните граници. Францускиот министер за внатрешни работи, Жерар Коломб, во април изјави дека „некои региони во Франција се преплавени од баратели на азил“ – реторика преземена од Марин Лепен од крајната десница. Па затоа мејнстрим политичарите требало да донесат многу рестриктивни одлуки за мигрантите за да не дојдат на власт многу потврдокорни луѓе кои нема да имаат допир со хуманоста. Таквата реторика за повладување кон популистите употреби и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пред драматичниот самит за мигрантите. Нивното објаснување и оправдување се едноставни – мора да донесеме тврди одлуки за да не дојдат уште потврди и нечувствителни политичари.

Проблемот со ваквата политика е што не ги задоволува апетитите на оние што мислат да ја покорат Европа со ксенофобија и популизам. Следното попуштање ќе биде уште поголемо. Некои велат дека ова е идеолошка војна, прашањето е поголемо – не се работи само за идеологија, туку и за вредностите. Континентот преживеа големи трагедии во 20 век и Европската Унија беше изградена врз пепелот на страдањата и надежта. Кога американскиот претседател Доналд Трамп веднаш по стапувањето на функција најави дека ќе гради ѕид кон Мексико, одовде стигнуваа реки осуди за неморалноста на таквиот чин. Сега Европа сака да гради ѕид во Медитеранот. Има ли тука некаква разлика во политичките предрасуди и популистички поентирања? Речиси никаква.

Ако ѕидот биде изграден во Медитеранот, како некој „ќе силува сѐ по ред“ во Македонија, како што сакаат да заплашуваат овдешните гневни популисти? Ставовите се контрадикторни, но кој веќе да мисли на тоа. А уште повеќе да одговори на прашањето – каде се мигрантите?