Кабинет на Ципрас: Сите Грци треба да ја дознаат вистината за Договорот од Преспа


Нема да одбереме брзи процедури за Договорот од Преспа; имаме намера да биде информиран и последниот грчки граѓанин за аспектите на договорот; сметаме дека е важно да се одржи ТВ дуел со лидерот на опозицијата; неделните изданија на весниците ќе го објават целиот текст од договорот, се дел од следните чекори на грчката Влада во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа, според соопштението од кабинетот на Алексис Ципрас, во кое разјаснуваат неколку работи поврзани со решението меѓу двете земји.

-Нема да одбереме брзи процедури за дискусија и ратификација. И во никој случај нема кришум да донесеме еден договор клучен за иднината на Грција и стабилноста во регионот. Напротив, нашата намера е да биде информиран и последниот грчки граѓанин за сите аспекти (на договорот), за да може трезвено да процени дали е за или против нашите национални интереси, соопштуваат од кабинетот на Ципрас и објаснуваат дека нивниот стремеж е грчкиот народ да ја дознае вистината.

Во оваа насока, според кабинетот на грчкиот премиер, Министерството за надворешни работи на Грција ќе се погрижи во недела, во неделните изданија на грчките весници кои што се доста читани и популарни меѓу граѓаните да биде објавен целиот текст од договорот, „за сите откако ќе научат, да бидат во позиција да оценуваат“.

А за да можат граѓаните да ги слушнат и да ги споредат аргументите, од кабинетот на грчкиот премиер уште еднаш го повторуваат предлогот на Ципрас од вчера, да се одржи ТВ дуел со лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис.

-Во исто време, сметаме дека е важен чекор во информирањето на грчкиот народ, одржување на дискусија, дебатата со лидерот на опозицијата, а со единствена тема Договорот од Преспа, она што го предложи премиерот на вчерашната седница во Парламентот. Нашиот предлог е дебатата да биде на повеќе телевизии и да се одржи на почетокот на следната седмица, на ден и во време што ќе се договори,  пишува во соопштениот од кабинетот на Ципрас, објави МИА.

Паралелно упатуваат порака до сите демократски и прогресивни политички сили и до секој пратеник дека „за ваквите важни национални прашања, треба да преовладува е патриотскиот интерес“.

Доколку целиот текст од Договорот од Преспа излезе во весниците во недела ќе биде во исто време со протестот закажан во центарот на Атина од организации и здруженија што се против решението меѓу Македонија и Грција.