„Исцелител“ -најдобар меѓународен филм на фестивал во Санта Барбара


„Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески е добитник на награда за најдобар филм на престижниот фестивал во Санта Барбара, Калифорнија.

Филмот се натпреваруваше во интернационалната селекција со уште 11 други филмови, меѓу кои и номинираниот за „Златна палма“ на Кан минатата година, францускиот „Двоен љубовник“, добитникот на специјална награда на венецискиот филмски фестивал, францускиот „Редот на нештата“ и номинираниот за најдобар филм на Карлови Вари, косовскиот „Непожелен“.

– Ви благодарам Санта Барбара за прекрасната награда. Ми претставува огромна чест што името на нашиот филм е таму заедно со наградените актери и познатите филмски автори. Но и покрај сите ваши обиди, сепак не можам да ви го кажам рецептот за исцелителниот колач, изјави режисерот Ставрески по повод доделувањето на наградата.

Проекцијата во Санта Барбара беше воедно и американска премиера на „Исцелител“. На фестивалот имаше вкупно три проекции. Во 33 годишното постоење на фестивалот во Санта Барбара, ова е прв македонски филм, добитник на награда.

Фестивалот во Санта Барбара го посетуваат најголемите и најактуелни холивудски, но и светски филмски ѕвезди и автори.
„Исцелител“ од премиерата досега, за три месеци освои три награди и учествуваше на 7. меѓународни фестивали.

Главните улоги во филмот „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска… Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје